Опен АИ работи на „револуционерен уред“ што би можел да го промени начинот на кој ја користиме технологијата

Еден ден откако го објави купувањето на стартапот за 6,5 милијарди долари, извршниот директор на Опен АИ (OpenAI), Сем Алтман, компанијата зад Чет ГПТ (ChatGPT), им објасни на вработените дека развива „таен уред“.
Стартапот io е предводен од поранешниот дизајнер на Епл, Џони Ив, познат по соработката со Стив Џобс, а во Опен АИ ќе игра клучна улога во креирањето и дизајнирањето на овој уред.
Алтман рече дека проектот е шанса за Опен АИ да го направи „најголемото нешто што компанијата некогаш го направила“. Уредот ќе биде свесен за околината и начинот на живот на корисникот, дизајниран да биде ненаметлив и доволно мал за да се смести во џеб или да стои на биро – како трет неопходен уред покрај MacBook Pro и iPhone.
Уредот нема да биде телефон, а целта е да им се помогне на луѓето да се дистанцираат од екранот. Алтман ја нагласи важноста на тајноста на проектот за да се спречат конкурентите да ја копираат идејата.
Тимот на Ив веќе разговара со добавувачи кои можат да го произведат уредот во големи количини. Иако нема веднаш да лансира 100 милиони уреди, Алтман верува дека ќе го постигне тоа побрзо отколку што било која друга компанија досега. Планот е уредот да се претстави до крајот на следната година.
Првично, идејата беше стартапот на Ив независно да го развива и продава уредот користејќи ја технологијата Опен АИ, но Алтман заклучи дека тоа не е одржливо. Според него, уредот е премногу централен за односот на корисникот со Опен АИ за да биде посебен производ – поради што двете компании се споија.