Онлајн предавање на нобеловецот Јунус: Не смее некој да се богати на сметка на здравјето на луѓето


Да нема сопственост на вакцините за КОВИД, фармацевтските компании да ги споделат истражувањата и да ги прогласат за општо добро, да нема можност некој да се збогати на сметка на здравјето на луѓето, е една од пораките на професорот Мохамед Јунус, коосновач и претседател на Јунус центарот за социјални бизниси и добитник на Нобелова награда за мир во 2006 година.

Јунус во обраќањето по повод отворањето на Јунус центарот за социјални бизниси на Економскиот факултет во Скопје, рече и дека корона пандемијата е шанса да креираме нов, подобар свет, да донесеме тешки, драстични одлуки, сосема поинакви од досегашните на кои никогаш не треба да се вратиме.

На Планетата има пожар, потенцира професорот, а дали ќе изгориме зависи само од нас.

Светските лидери не ги послушале неговите укажувања и затоа сега, како што истакна, некои, што ќе платат најмногу, ќе добијат гуми за спасување, а некои не.

-Имаме живот наспроти добивка. Дали треба да се заштити супер профитот на фармацевтските компании или животот на луѓето? Во КОВИД панедмијата откривме дека половина од светското население нема средства за егзистенција и се соочува со глад, не може да купи храна. Сфативме колку е ранлив целокупниот систем. Само 10 или 12 отсто од светското население ќе добие вакцини и тие прво ќе бидат испорачани во побогатите земји. Во 2020 и 2021 година ќе има земји со и земји без вакцини, едните ќе се заштитат од смрт, а другите не. Штета што компаниите производители одлучија да ги продадат вакцините на оние што ќе платат повеќе, наместо за општо добро. За жал, светските лидери не ме послушаа. Сега, некои ќе добијат гуми за спасување, тие што ќе платат најмногу. Многу сме загрижени што ќе се случи меѓу тие што имаат и тие што немаат, истакна Јунус.

Според него, проблемот е во тоа што работите се преплаќаат зашто во исклулително мал процент од светската популација, само еден отсто, е сконцентрирано речиси целото богатсгво и моќ.

-Прво што сега треба да се направи е да се откаже правото на петенти за да се произведува вакцина не само во богатите земји, туку и во други, за многу пониска цена, подвлече професорот.

Тој ја повтори идејата за креирање свет со три нули – нула сиромаштија, нула стапка на невработеност и нула нето емисии на јаглерод.

-Дали создаваме свет од кој ќе се срамиме или од кој ќе се гордееме? И пред пандемијата бевме најзагрозен вид. Што направивме изминатите години? Во што веруваме и што практикуваме? Имаме глобално затоплување, концентрација на богатсвото во еден процент од вкупниот број жители на Планетата. Ова е бомба која може да експлодира во секој момент. Креиравме погрешна машина, но доволно сме паметни да ги смениме работите. Што ќе им пренесеме на младите генерации? Ако скаме да креираме нов свет, мора да ги смениме правилата, да направиме нешто поинаку од тоа што сме го правеле досега. Таков свет може да постои и за тоа треба да зборуваме. Во спротивно, ќе исчезнеме како вид, рече Јунус.

Професорот смета дека треба да се основаат фармацевтски компании чија цел нема да биде профит, туку решавање на проблемите во светски рамки или да се формира една, глобална компанија како социјално претпријатие со вкрстено субвенционирање (побогатите да плаќаат повеќе, посиромашните помалку) кое ќе ги покрие трошоците за сите.

Осврнувајќи се на состојбата во глобални рамки, Јунус нагласи дека од сите луѓе на светот голем дел се потиснати под или веднаш над линијата на сироматија со заработка од 10 долари на ден. Речиси половина од светското население нема пристап до финансиски средства, банките не им даваат кредити.

На веб отворањето учествуваа вицепремиерот Фатмир Битиќи, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски, професори и еминентни имиња од областа на претприемништвото.

-Ако го гледаме бизнис секторот само низ призма на профит, значи дека не го искористуваме неговиот вкупен потенцијал. Социјалното претпримеништво, чија цел е социјална еднаквост и заедништво, базира на многу предизвици и отвора нов сегмент за нашиот деловен сектор. Владата е посветена да создаде солидарно општество за сите, а социјалното претприемништво е чекор напред кон таа визија. Социјалното претприемништво го издојува поединецот како двигател на промените. Поединецот треба да биде и креатор на промените, да се осмели и да создаде нешто поинакво. Сите сме должни да учествуваме во промената што сакаме да ја видиме, рече Битиќи во обраќањето.

Министерката Шахпаска напомена дека Владата се повеќе ја препознава потребата од бизниси кои освен профит, ќе работат и за други цели – солидарност и инклузија.

-Отворањето на првиот Јунус центар е во вистински момент. Очекувањата се дека кризата ќе креира нови ранливи катеории кои јавните полтиики ќе мора да ги препознаат. Се подготвуваме за нови предзивции и почетоци, рече Шахпаска.

Според ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски, во социјалното претприемништво профитот е на второ место. На прво е создавањето вредности.

-Поимот социјално претприемништво е релативно нов, но е познат во историјата. Датира од 18 век кога се формираат првите здравствени и социјални установи. Во социјалното претприемништво влијанието е на прво место, а профитот на второ. Идејата на социјалното претприемништво е да најде решенија за проблемите во општеството, да обебзеди одржливост и просперитет. Парадигмата во бизнисот се менува и фокусот од профитот се менува со креирање вредности, посочи Јанкуловски.

Деканот на Економскиот факултет, Предраг Трпески, рече дека целта на Јунус центарот е да се развијат и реализираат акциски програми, курсеви, обуки, семинари, конференции, истражувања, инкубатори, програми за стажирања и стипендии за социјални бзиниси.

-Ако сакаме да ги донесеме европските вредности тука, ова е исправен чекор не само за нашата институција, туку и за УКИМ и за земјата воопшто зашто ќе со создаде додадена вредност, истакна деканот.

Јунус центарот за социјални бизниси на Економскиот факултет е дел од мрежата Јунус центри кои ги има на повеќе од 80 универзитети низ целиот свет. Професорот и нобеловец Мохамед Јунус ќе држи онлајн предавања секој прв и трет понеделник.