„ОНЕ Македонија“ и „Ериксон“ со договор за развој на најсовремена 5G самостојна мрежа
One Macedonia Telecommunications ДООЕЛ, членка на Групацијата 4iG, потпиша договор со телекомуникацискиот гигант Ericsson за развој на најнапредната гринфилд 5G Standalone (SA) мобилна мрежа во Северна Македонија, на Светскиот мобилен конгрес во Барселона.
Од One Macedonia, кој е најновиот мобилен мрежен оператор во државава, информираат дека договорот опфаќа испорака на опрема за Радио-пристапна мрежа (RAN) и за Основната мрежа (Core), вклучувајќи софтвер, услуги за имплементација и долгорочна техничка поддршка. Според договореното, Ericsson ќе биде ексклузивен технолошки партнер на One Macedonia во периодот од 2026 до 2029 година, при што ќе бидат реализирани повеќе од 500 базни 5G станици.
По инвестицијата во фреквенцискиот спектар во јануари, договорот претставува значителен дел од инвестициската стратегија на 4iG, вредна 100 милиони евра за Северна Македонија.
Церемонијата се одржа во рамки на најголемиот светски телекомуникациски настан – MWC 2026, што, според компанијата, го нагласува меѓународното значење на проектот за земјата.
Од One Macedonia посочуваат дека станува збор за една од технолошки најнапредните 5G Standalone мрежи во регионот, изградена како гринфилд инфраструктура, без ограничувања од постојни системи. Новата мрежа ќе обезбеди високи брзини, ултраниска латентност, стабилност и енергетска ефикасност.
-Денес преминуваме од стратегија кон реализација. Наместо надградба на стара мрежа, градиме целосно нова, безбедна дигитална основа, која е отпорна на идните предизвици за Северна Македонија. Со партнерството со Ericsson можеме да обезбедиме нашата инфраструктура да ги исполнува највисоките европски стандарди за перформанси, доверливост и безбедност. Потпишувањето на овој договор на Светскиот мобилен конгрес ја одразува нашата амбиција да ја позиционираме Северна Македонија цврсто во рамки на глобалниот дигитален екосистем, изјави извршниот директор на One Macedonia, Брано Ѓуровиќ.
Според раководителот за Централна Европа и Северен Балкан во Ericsson, Антонио Пасарела, оваа мрежа ќе ја обезбеди основата за напредни дигитални услуги, овозможувајќи иновации, деловен раст и подобрена поврзаност низ Македонија
Договорот опфаќа испорака од Ericsson AB – Шведска и услуги од Ericsson Македонија – Скопје, што, според компаниите, ќе обезбеди оптимална комбинација на глобална експертиза и локални капацитети.
Имплементацијата ќе биде усогласена со обврските од лиценцата за фреквенциски спектар доделена на 23 јануари 2026 година, која предвидува 5G покриеност во најмалку еден град до март 2027, покриеност на главните транспортни правци до март 2029, покриеност на сите градови до март 2031 и национална покриеност до март 2033 година.
Со овој договор започнува фазата на реализација на мрежниот развоен план на One Macedonia, што, како што наведуваат од компанијата, ја потврдува нивната посветеност на долгорочни инвестиции, транспарентност и регионална дигитална интеграција.