ОН: За три недели во Газа раселени околу 400.000 лица

Њујорк – Речиси 400.000 луѓе се раселени во Појасот Газа од 18 март, кога Израел ги продолжи воените операции и со тоа го прекина двомесечното примирје, соопшти денеска Кабинетот на генералниот секретар на ОН.
„Преживеаните во Газа неколку пати беа раселени и принудени да се преселат во помали области каде што не може да се задоволат нивните основни потреби“, изјави портпаролот Стефан Дижарик.
Речиси сите 2,4 милиони жители на Газа веќе се раселени барем еднаш од избувнувањето на војната на 7 октомври 2023 година, а прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас започна на 19 јануари.
Во заедничко соопштение, шефовите на Канцеларијата на ОН за хуманитарни прашања, Том Флечер, Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус, УНИЦЕФ, Кетрин Расел и Светската програма за храна, Синди Мекејн, го повикаа светот „итно да дејствува за да ги спаси Палестинците во Газа“.
„Жителите на Газа повторно се заробени, бомбардирани и гладни, а поради повеќе од еден месец израелска блокада, на премините се трупаат храна, лекови и гориво, а пристапот до засолништата и потребната опрема е блокиран“, велат лидерите.
Тие нагласија дека тврдењата дека има доволно храна за да се прехранат Палестинците се далеку од вистината.
„Во Газа сме сведоци на воена акција која покажува флагрантно непочитување на човечкиот живот“, се наведува во соопштението.