ОН предупредуваат на ширењето на омраза во медиумите во Бугарија
Извештај со сериозни критики за состојбата со медиумите и ширењето на омраза во Бугарија го подготвува Кабинетот на Високиот комесар на ООН за човекови права. Во работната верзија и придружните документи има тешки наводи за говор на омраза, насилство врз жени, слаба заштита на правата на малцинствата – етнички и сексуални, третман на имигранти…
Голем број земји – од Германија и САД, до Уругвај и Србија – поставија бројни специфични прашања во врска со однесувањето на владата во последните неколку години, вклучително и заштита на новинарите од вознемирување и закани и кога обвиненијата за клевета ќе бидат отстранети од кривичниот законик, пишува бугарскиот весник „Дневник“.
Португалија (во име на земјите што го поддржуваат спроведувањето на препораките) прашува дали во Бугарија има национален механизам или процес одговорен за координирање на нивното спроведување и следење на тоа како напредуваат и каков е нивниот ефект. Канада е загрижена дека ниту еден висок функционер сè уште не е осуден за корупција. Велика Британија бара појаснување дали има напредок во судскиот преглед на одбивањата на обвинителите да започнат истраги. Овој извештај бил разгледуван во седиштето на ОН во Женева во петокот.
Според „Дневник“ САД ги прашле бугарските претставници кои чекори ги презема бугарската влада за поддршка на независноста и различноста на медиумите? Што прави тоа за да им се овозможи на новинарите да ја остварат својата слобода на говор, и покрај уцените и заканите за насилство? Дали владата презема чекори за да се обезбеди усогласеност со законот за информации од јавен карактер за сопственоста на медиумите или како да се обезбеди јавен пристап до таквите информации?
Во сличен тон биле прашањата и од Белика Британија и Германија, кои побарале одговори какви активности разгледува владата за подобрување на слободата на медиумите во Бугарија, вклучително и транспарентност во сопственоста на медиумите, безбедноста на новинарите и медиумите да се ослободени од политичко мешање.
Три комитети на Високиот претставник на ОН за човекови права ја истакнуваат нивната загриженост за „растечкиот говор на омраза и злосторствата од омраза, конкретно насочени кон групи како што се Турците, Ромите, муслиманите, Евреите, Африканците, мигрантите, барателите на азил и луѓето со различна сексуална ориентација, наведува бугарскиот весник. На прашањата на претставниците на земјите одговарал само формално заменикот министер за култура.
Конечниот извештај ќе биде испратен на 20 ноември и делегациите мора да ги вратат своите писмени коментари или дополнувања на резимето во рок од една недела. (Н.В.)