ОН и Владата ќе работат заеднички на развој на миграциска политика базирана на докази

Поддршка на националните институции во подобрување на управувањето со демографските и миграциските движења во Северна Македонија, е главната цел на новиот заеднички проект на Владата и Обединетите нации, финансиран од Мулти-партнерскиот фонд за миграција на ООН.

Проектот наречен „Миграциски дискурс, политика и планирање базирано на докази“ ќе се спроведува во текот на следните 30 месеци од страна на три агенции на ООН и тоа Меѓународната организација за миграција – ИОМ, Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА и Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци – УНХЦР, во координација со Канцеларијата на постојаниот координатор на ОН во земјава.

Вреден е 1,5 милиони американски долари и финансиски е поддржан од Кипар, Данска, Франција, Германија, Мексико, Норвешка, Португалија, Шведска, Тајланд, Турција и Велика Британија.

– Република Северна Македонија, традиционално, има сериозен степен на имиграција, и се смета дека повеќе од 700 илјади граѓани, во моментов, живеат и работат во странство. Сезонската и привремената миграција на работна сила е исто така на високо ниво, при што граѓаните главно се упатуваат кон европските земји во потрага по работа. Не толку одамна, земјата беше дел од една од главните подрути на Западниот Балкан, соочена со зголемено движење на мигрантите во 2015 и 2016 година и постојан проток на мигранти кои транзитираат, иако не секогаш со ист интензитет, се вели во соопштението од Канцеларијата на ОН во земјава.

Владата ќе соработува со граѓанскиот сектор во развојот на миграциските политики, ќе се развијат нови, иновативни решенија за собирање и анализа на податоците и ќе се развијат механизми за размена податоците. Креаторите на политики и засегнатите страни ќе бидат поттикнати и поддржани да спроведат нова, сеопфатна политика за миграција за периодот од 2021 до 2025 година. Предвидено е да се спроведат и национални и локални кампањи за подигнување на свеста кај населението и институциите.

Проектот ќе се спроведува во соработка со голем број партнери од Владата и граѓанските организации, вклучувајќи ги Секретаријатот за европски прашања, Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика, Народната банка, Државниот завод за статистика, Македонското здружение на млади правници, Македонската платформа за борба против сиромаштијата и Институтот за европска политика.

Повеќе информации може да се најдат на: https://migrationnetwork.un.org/united-nations-migration-start-fund-kicks-12-million-usd-joint-programmes.

Мулти-партнерскиот фонд за миграција (MPTF) неодамна ги објави првите шест заеднички иницијативи избрани за поддршка на имплементацијата на Глобалниот договор за безбедна, уредна и редовна миграција (GCM). Вкупно 56 земји и региони доставија над 74 предлог-програми, а најдобрите шест иницијативи беа избрани од Управувачкиот комитет.