ОН и ЕК различно гледаат на постигнувањата на КОП26


Европската комисија оцени дека договорот постигнат од 200 земји на Меѓународната конференција за климата во Глазгов (КОП26) го „одржува во живот“ договорот од Париз и му дава шанса на светот да го ограничи затоплувањето на планетата на 1,5 степени Целзиусови.

– Постигнавме напредок во постигнувањето на трите цели што ги зацртавме на почетокот на конференцијата КОП26, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен.

Таа рече дека поради тоа ЕУ е убедена дека може на човештвото да му понуди безбеден и просперитетен простор на оваа планета.

– Но, нема време за губење, пред нас е уште напорна работа, изјави Фон дер Лејен.

Претставниците на речиси 200 земји на климатската конференција КОП26 во Глазгов усвоија договор за забрзување на борбата против глобалното затоплување, без да се обезбеди дека затоплувањето ќе остане на 1,5 степени Целзиусови и без да се одговори на барањата за помош на сиромашните земји.

Договорот наречен „Глазговски пакт за климата“ беше усвоен по две недели напорни преговори. 

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш пак, предупреди дека „климатската катастрофа сè уште тропа на вратата“ и покрај договорот постигнат на Конференцијата на ОН за климата (КОП26) во Глазгов.

Меѓународната конференција за климата заврши со „добредојдени чекори напред, но тоа не е доволно“, напиша шефот на ОН во соопштение.

Гутереш, кој синоќа си замина од Глазгов, наведувајќи ги целите кои не беа постигнати на оваа конференција, истакна дека не е постигнат прекин на субвенциите за фосилни горива, за прекин на употребата на јагленот и цената на емисиите на јаглерод, како ни договор за финансиска помош за најсиромашните.

– Усвоените текстови се компромис. Тие ги одразуваат интересите, ситуацијата, противречностите и состојбата на актуелната политичка волја во светот. За жал, колективната политичка волја не беше доволна да се надминат длабоките противречности, напиша тој.

Тој напиша дека е време да се премине во модус „итност“ и посочи дека за сега преземените обврски за намалување на емисиите на штетни гасови не овозможуваат исполнување на целите од Парискиот договор за одржување на затоплување под два степени Целзиусови во однос на прединдустриската ера, а уште помалку за да се постигнат идеалните цели да се задржи затоплувањето на 1,5 степени Целзиусови.