ОМО Илинден-Пирин: Политиката на Бугарија кон македонското малцинство е срамота


Шеесет години македонското малцинство во Бугарија е предмет на систематска дискриминација, асимилација и маргинализација. Тоа им нанесе безброј страдања на Македонците и ги направи граѓани од втор ред во земјата во која живеат и во земјата во која се родени. Оваа политика не само што е срамна, туку и неприфатлива за една цивилизирана и правна држава, гротескна за Европската Унија.Истата антимакедонска политика сега ги блокира македонските евроинтеграции со апсурдни и понижувачки барања не само за Македонија, туку и за Бугарија. Оваа политика сее омраза и ги труе животите на луѓето. Мора да престане, се вели во Декларацијата на ОМО Илинден усвоена на семакедонскиот собир пред споменикот на Јане Санадански на 17 април.

Нерегистрираната партија на Македонците во Бугарија ОМО Илинден Пирин ги повикува бугарските власти да ја поништат одлуката на Уставниот суд од 29 февруари 2000 година и Декларацијата на бугарскиот парламент од 6 март 1990 година и од 9 ноември 2019, со кои официјално се кажува дека во Бугарија не постои македонска етничка група.

Во Декларацијата се бара државата официјално да го признае постоењето на национални/етнички малцинства во Бугарија и концептот на „национално малцинство“ да биде вграден во Уставот и да се заштитат правата на лицата кои припаѓаат на таквите малцинства. Да се направат потребните измени и појаснувања во Уставот и Законот за регистрација на невладини организации, со што ќе се оневозможи толкувањето на самоопределувањето на малцинствата и заштитата на нивните права како противуставни, антидржавни, загрозувачки на територијалниот интегритет и основа.

„Ако Република Бугарија инсистира Бугарите во Македонија да влезат во македонскиот Устав, македонскиот Устав ќе мора да влезе и во бугарскиот. Бугарија да ја укине вештачката блокада за регистрација на македонските организации за спроведување на одлуките на Европскиот суд за човекови права со нивно регистрирање“, порачуваат од ОМО Илинден-Пирин.