Октомври 2022 година најтопол во последните 30 години во Европа


 

Октомври 2022 година беше најтопол во Европа во претходните 30 години, објави денеска Европската климатолошка служба Коперник, според која просечните температури биле „речиси 2 степени Целзиусови повисоки од референтниот период од 1991 до 2020 година“.

Европската служба, која нема споредливи отчитувања пред периодот 1991-2020 година, веќе објави дека летото 2022 година било најжешкото досега (околу 1,34 Целзиусови степени над нормалата).

-Тешките последици од климатските промени сега се евидентни и потребна ни е амбициозна климатска акција на КОП27 (COP27) за да се обезбеди намалување на емисиите и да се стабилизираат температурите блиску до целта од 1,5 степени поставена со Парискиот договор, изјави заменичката на директорот на Коперник Саманта Бурџис.
 
 
Според европската служба, „топлотниот бран резултираше со рекордни дневни температури во Западна Европа и рекордно топол октомври за Австрија, Швајцарија и Франција, како и за голем дел од Италија и Шпанија“.
 
Европскиот континент е континентот кој најбрзо се загрева во светот. Во текот на изминатите 30 години, температурите во Европа се зголемија повеќе од двапати од глобалниот просек, загревајќи се за околу 0,5 Целзиусови степени по деценија, според извештајот на Светската метеоролошка организација (WMO) и C3S објавен на 2 ноември. Во октомври, во некои делови од континентот, на оваа ненормална жештина ѝ се придружи и недостигот на дожд, како во лето.
 

„Времето беше посуво од просекот во поголемиот дел од јужна Европа и Кавказ“, забележува Коперник.

Спротивно на тоа, „над северозападниот дел на Пиринејскиот Полуостров, делови од Франција и Германија, Обединетото Кралство и Ирска, над северозападна Скандинавија, над поголемиот дел од источна Европа, источна и централна Турција, времето беше повлажно од просечното“.

Во останатиот дел од светот, Коперник забележува дека „Канада доживеа рекордна горештина, а многу повисоки од просечните температури беа забележани и на Гренланд и на Сибир“. Напротив, „најниски температури во споредба со просекот се забележани во Австралија, на далечниот исток на Русија и во делови од западниот Антарктик“.
 
 
Од крајот на 19 век, Земјата се загреала за речиси 1,2°C, а околу половина од тоа зголемување се случило во последните 30 години.
 
Оваа година е на пат да биде петта или шеста најтопла досега забележана и покрај влијанието на феноменот Ла Ниња во 2020 година, природен феномен во Тихиот Океан, кој ја лади атмосферата.