„Окта“ со донација на лаптопи и заштитни маски ќе го поддржи образовниот процес во Општина Илинден
„Окта“ донираше 30 лаптоп компјутери и 10.000 заштитни маски, со цел да се помогне непреченото одвивање на наставата во основните училишта на територијата на Општина Илинден. Имајќи ги предвид условите во кои ќе се одвива учебната 2020 – 2021 година, компанијата како долгогодишен член на локалната заедница одлучи да ја поддржи општината во напорите за ефикасно и успешно организирање на воспитно – образовниот процес, во услови на пандемија од КОВИД-19.
„Образованието е од исклучителна важност за секоја држава без разлика на околностите и предизвиците со кои периодов сите се соочуваме. Затоа, дури и во оваа, нова реалност, образовниот процес мора да продолжи да се одвива непречено и на соодветен начин. „Окта“ како општествено одговорна компанија е силен поддржувач на едукативниот развој на младите генерации во државата. Токму оваа донација е доказ за нашите искрени заложби за поквалитетен образовен процес, и во исто време потврда за нашата поддршка на локалната заедница во која работиме веќе 42 години. Верувам дека со оваа иницијатива ќе помогнеме основните училиште во Општина Илинден успешно да одговорат на предизвиците во новата учебна година“, изјави Вук Радовиќ, главен извршен директор на „Окта“.
Општина Илинден е подготвена за почетокот на учебната година што во голема мера се должи на поддршката од бизнис заедницата.
„Со „Окта“ имаме воспоставено континуирана и блиска соработка во повеќе области меѓу кои образование, култура и заштита на животната средина. Заедно имаме реализирано низа проекти со кои е подобрен квалитетот на живот во општината. Во таа насока е и оваа донација, со која ќе се овозможи безбедно одвивање на наставата за учениците кои ќе бидат физички присутни во училиштата, а од друга страна одлични услови за работа за повисоките одделенија кои наставата ќе ја следат од дома“, изјави Жика Стојановски, градоначалник на Општина Илинден.
На територијата на Илинден има три централни и пет подрачни основни училишта, во кои наставата следат околу 2.000 ученици.