Околу 1.200 граѓани побарале медицинска помош во Гостивар поради стомачни тегоби


Голем број граѓани од Гостивар во изминатите неколку дена побарале лекарска помош поради симптоми кои се поврзуваат со проблемот со водоснабдувањето во градот. Како што информираат од Општата болница „Д-р Ферид Мурад“, во установата биле пријавени околу 1.000 до 1.200 пациенти со симптоми како повраќање, дијареја, болки во желудникот, покачена температура и општа слабост.

„Во врска со епидемијата која се шири во Гостивар овие 3-4 дена, заради која имаме голем број на пациенти на кои им е дадена медицинска помош во нашата установа, направивме и зајакнување на медицинскиот персонал во одделенијата каде има голем број пациенти“, информираат од болницата.

Инфектолози и епидемиолози испитуваат што се случува и зошто последните три дена нагло е зголемен бројот на пациенти кои бараат помош во болницата, но се уште не е пронајден изворот на заразата. Според „Слободен печат“ на вработените од Институтот за јавно здравје не им било дозволувано со саати да ги земат мострите од водата и дека во тоа ги спречувала поголема група на луѓе. Мострите биле земени и ставени во машини во ИЈЗ Скопје дури во 4 часот ноќеска, поради ова одолговлекување.

 „Постојат основи на сомневање дека Јавното претпријатие „Водовод“, во соработка со Општина Гостивар, поставило три пумпи во корито на истечни отпадни води, преку кои се вбризгувала вода директно во главниот цевковод што го напојува градот. Оваа активност најверојатно била преземена со цел да се зголеми притисокот во мрежата поради недостиг на питка вода, со што директно се загрозува здравјето на граѓаните на Гостивар. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, поради сомнение за сторено кривично дело „загадување на вода за пиење“, предвидено и казниво по член 219 од Кривичниот законик. Во расчистувањето на овој случај, покрај полицијата и обвинителството, веднаш се вклучија и Институтот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за животна средина, како и лиценциран вештак кој треба да изврши стручна процена на незаконски поставениот систем“, изјавиле од МВР за „Слободен печат“.