ОЈО бара куќен притвор за Груби, не може да се гарантира неговата лична безбедност во „Шутка“
Обвинителството му соопшти на судот дека се обезбедени сите докази во постапката, а за Груби се предлага и земање на патната исправа
По речиси шест часа, заврши распитот на поранешниот вицепремиер Артан Груби во Обвинителство, по што тој вечерва беше спроведен во Кривичен суд, каде што ќе биде изведен пред судија на претходна постапка.
ОЈО пак, предлага куќен притвор за Груби, затоа што сам се предал, затоа што во најголем дел се обезбедени доказите во текот на постапката, како и дека постојат индиции дека во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност.
Поранешниот вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците, Груби, осомничен за проневера во „Државна лотарија“, денеска беше уапсен на граничниот премин „Блаце“ и сместен во притворското одделение во Шуто Оризари, по што беше спроведен на распит во Обвинителството.
Основното јавно обвинителство Скопје по добивањето на известувањето дека второосомничениот во предметот за Државната лотарија каде е осомничен заедно со уште пет лица, доброволно се пријави на органите на прогонот и изразил подготвеност да соработува со надлежните органи, ќе ја продолжи постапката за истиот со цел донесување на јавнообвинителска одлука.
На барање на второосомничениот преку неговата одбрана истиот во текот на денешниот ден беше спроведен пред надлежниот обвинител каде вршеше увид во списите на предметот, но поради обемноста на доказниот материјал увидот ќе продолжи наредните денови по што на второосомничениот ќе му биде овозможено да ја даде својата одбрана.
По однос на мерките за обезбедување на присуство на второосомничениот во понатамошниот тек на постапката Основното јавно обвинителство Скопје предложи замена на мерката притвор со мерка куќен притвор и одземање на патна исправа, имајќи го предвид фактот во најголем дел се обезбедени доказите во текот на постапката, дека истиот доброволно се пријавил на органите на прогонот, како и дека постојат индиции дека во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност, кои индиции се поткрепени со известувања од надлежните органи. Исто така индициите за загрозената безбедност се однесуваат и на членовите на неговото семејство.