Официјално: И Шведска ќе поднесе барање за членство во НАТО
Премиерката Магдалена Андерсон изјави дека Шведска ќе биде во ранлива позиција додека се обработува нејзината апликација за НАТО
Шведската премиерка Магдалена Андерсон на прес-конференција попладнево соопшти дека нејзината земја ќе поднесе барање за членство во НАТО, со што ќе се повлече од долгата историја на воена неутралност. Тоа доаѓа една недела по истата таква објава на соседот Финска.
Андерсон додаде дека е уверена оти има поддршка за тоа кај шведскиот народ.
Според неа, Шведска ќе биде во ранлива позиција додека се обработува нејзината апликација за НАТО.
Таа додава дека луѓето можат да имаат поинакво мислење за влезот во НАТО а сепак да се грижат за Шведска.
Минатата недела, Обединетото Кралство потпиша договори за безбедност и со Шведска и со Финска, согласувајќи се да им помогне доколку едната нација биде нападната.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија нема проблем со Финска и Шведска, но дека проширувањето на воената инфраструктура на нивна територија ќе бара реакција од Москва.
Говорејќи за проширувањето на НАТО на самитот на Организацијата на Договорот за колективна безбедност предводена од Русија во руската престолнина, тој рече дека тоа е проблем за Русија и е во интерес на САД.
Тој, исто така, вели дека Русија треба да посвети дополнително внимание на, како што вели, плановите на НАТО да го зголеми своето глобално влијание.
Путин уште додаде дека за време на инвазијата на Украина, Москва добила „документарни докази за суштински создадени компоненти на биолошкото оружје“ во близина на границите“. Тој нагласи дека „се работи на можни методи и механизми за дестабилизација на епидемиолошката состојба во постсоветскиот простор“. Според рускиот претседател, заедничката организација планира „серија заеднички вежби во Казахстан, Киргистан и Таџикистан наесен“. Во оваа организација се уште и Белорусија и Ерменија.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно изјави дека Русија внимателно ги следи кандидатурите на Шведска и Финска за влез во НАТО, додавајќи дека е убеден дека нивното пристапување нема да ја зајакне безбедноста на Европа.
„Ова е сериозно прашање, прашање што ја покренува нашата загриженост и ние ќе го следиме многу внимателно“, рече тој.
Песков, исто така, истакна дека во споредба со Украина, Русија нема никакви територијални спорови со Финска или Шведска.
Рускиот заменик-министер за надворешни работи изјави дека планот на Шведска и Финска да се приклучат на воената алијанса е грешка што ќе има далекусежни последици.
„Тие не треба да имаат илузии дека ние едноставно ќе го трпиме тоа – а не треба ниту Брисел, Вашингтон и другите престолнини на НАТО. Општото ниво на воена тензија ќе се зголеми, предвидливоста во оваа сфера ќе се намали“, изјави Сергеј Рјабков за државната агенција РИА Новости.