Официјална Софија се огради од Џамбаски – неговите провокации биле неприфатливи

Неколку дена по инцидентот со провокативните и иредентистички изјави на европратеникот на бугарското ВМРО, Ангел Џамбаски, во Скопје, Министерството за надворешни работи во Софија ги оквалификува тие изјави како „неприфатливи и контрапродуктивни“. Но во исто време ја нарече Мара Бунева (атентаорката на српскиот началник во Скопје“ како заедничка личност од заеднички настан.
„Министерството за надворешни работи го потврдува својот категоричен став дека политичарите и јавните личности од Бугарија и Северна Македонија имаат одговорна улога во градењето доверба и развивање на добрососедски односи меѓу двете земји, како и во намалувањето на тензиите во јавниот простор.
Во оваа насока, МНР нагласува дека јавните изјави со кои се навредува или провоцира другата страна се апсолутно неприфатливи и контрапродуктивни. Тие не го претставуваат официјалниот став на бугарската држава и не можат да се толкуваат како такви.
Имајќи ја предвид заедничката историја што ги врзува двете земји, одбележувањето на заедничките историски настани и личности, како што е годишнината од смртта на Мара Бунева, треба да доведат до зајакнување на довербата и добрососедството“, вели бугарското МНР во официјалната изјава.
Тоа нагласува дека „не помалку опасни за билатералните односи се и апелите на маргиналните партии во Северна Македонија против бугарските политичари и јавни личности кои се залагаат за заштита на правата на Бугарите во Северна Македонија и проектите за зближување на луѓето меѓу двете земји. Ваквиот пристап има очигледна цел да создаде дополнителна тензија во билатералните односи“.