ОЕЦД: Сѐ понеповолни изгледи за светската економија поради новите царини


Светската економија се соочува со „сѐ понеповолни“ перспективи, соопшти денеска Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), предупредувајќи дека новите царини се меѓу факторите кои најмногу го забавуваат глобалниот раст.

ОЕЦД ја намали проекцијата за глобалниот бруто-домашен производ (БДП) за 2025 година од 3,1% на 2,9%, при што проценката е направена врз основа на состојбата со царинските стапки во средината на мај, пренесува ДПА.

И прогнозата за 2026 година е ревидирана надолу – од 3% на 2,9%.

Меѓу главните ризици за економскиот развој се наведуваат: „значително зголемување на трговските бариери, построги финансиски услови, ослабена доверба кај бизнисите и потрошувачите, како и висока политичка неизвесност“.

„Растечките трошоци за трговија – особено во земјите кои воведуваат нови царини – веројатно ќе ја зголемат инфлацијата, иако тоа делумно може да се ублажи преку пониски цени на суровините“, се вели во извештајот.

Најпогодени ќе бидат САД, Канада, Мексико и Кина – земјите кои се во центарот на трговската војна што ја започна американскиот претседател Доналд Трамп. САД, на пример, ќе забележат успорување на БДП на 1,6% во 2025, по растот од 2,8% минатата година.

Во Германија, која се соочува со застој, се очекува раст од само 0,4% годинава.