ОЕЦД: Царинските бариери го забавуваат глобалниот економски раст


Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) денеска малку ја намали прогнозата за глобален економски раст за 2025 година поради послабите проекции за раст во САД и во еврозоната.

ОЕЦД очекува економски раст од 3,1 отсто во 2025 година, што е намалување од 3,3 отсто што ги прогнозираше во декември, поради „зголемените тарифни бариери во неколку економии на Г20“ и „неизвесноста за геополитичката ситуација и економските политики кои тежат врз инвестициите и потрошувачката на домаќинствата“.

За 2026 година се предвидува раст од три отсто, наспроти 3,3 отсто во претходниот извештај.

Таа економска институција очекува и повисока инфлација од претходно прогнозираната.

Годишниот економски раст во Соединетите држави, исто така, се предвидува да забави од неговото неодамнешно силно темпо на 2,2 отсто во 2025 година и 1,6 отсто во 2026 година, што е намалување од претходно предвидениот раст од 2,4 отсто оваа година и 2,1 отсто следната година.