Одржувањето на Олимпијадата во Токио стана неизвесно


Јапонија се соочува со драматичен пораст на инфекции од Ковид-19. Особено во поширокиот регион во Токио. Огромно мнозинство од граѓаните сака Игрите да се одложат или откажат (Фото: АП)

Драматичен пораст на случаите на корона вирус во Токио повторно ги засили шпекулациите за Олимписките игри, кои треба да се отворат во градот за нешто повеќе од шест месеци.

Јапонија ја прошири вонредната состојба на повеќе од половина од населението во средата, бидејќи зголемените инфекции предизвикаа предупредувања за силен притисок врз болниците.

Премиерот Јошихиде Суга рече дека антивирусните мерки воведени во поширокиот регион на Токио – кој е во центарот на последниот бран случаи – ќе бидат проширени за да вклучат уште седум префектури.

Суга рече дека „ќе ги преземе сите мерки“ за да ги заштити животите, додавајќи дека на сите странски државјани кои не се жители ќе им биде забрането да влегуваат во Јапонија сѐ додека не бидат укинати итните мерки. Јапонија претходно дозволуваше деловни патници од 11 азиски земји каде се чинеше дека бројот на случаи е под контрола.

Јоширо Мори, шефот на организацискиот комитет „Токио 2020“, рече дека подготовките ќе продолжат, и покрај зголемените сомнежи дека Игрите може да се одржуваат додека трае пандемијата. Мори, поранешен јапонски премиер, рече дека одложувањето по втор пат ќе биде „апсолутно невозможно“.

Мори призна дека организаторите наскоро ќе треба да одлучат дали ќе дозволат присуство на гледачи од странство. „Мислам дека ќе треба да донесеме многу тешка одлука околу февруари до март“, рече тој.

Одлуката за иднината на Игрите ќе треба да биде донесена до крајот на март кога патувањето на факелот, со учество на 10.000 тркачи, треба да започне во Фукушима.

Јапонија не треба да започне да ги вакцинира своите 126 милиони луѓе најрано до крајот на февруари, започнувајќи со 10.000 медицински работници од прва линија, проследени со ранливи постари луѓе во март.

Неколку истражувања на јавното мислење покажаа дека јасно мнозинство од Јапонците се противат на одржувањето на Игрите оваа година. Во средата, анкета на јавниот радиодифузер НХК покажа дека само 16% сметаат дека Олимпијадата треба да се одржи во јули, додека заедно 77% сметаат дека треба да бидат откажани или одложени.

Суга, чиј рејтинг на одобрување падна во однос на неговото справување со пандемијата, не сака да воведе мерки што можат да ѝ наштетат на третата најголема економија во светот.

Некои здравствени експерти предупредија дека болниците се борат да се справат со приливот на пациенти со ковид и дека едномесечната „мека блокада“ веројатно нема да има големо влијание врз бројот на случаи.

„Многу е малку веројатно дека ќе видиме случаи да се намалат по само еден месец“, рече Јошихито Ники, специјалист за инфективни болести и професор на универзитетската болница во Шоа. „Јапонија беше наречена успешна приказна и се дискутираше за таканаречениот Х фактор – нешто што ги прави Јапонците поотпорни на вирусот – но тоа е целосна фантазија“. (Според агенциите)