Одрони на патиштата, екипи на „Македонија пат“ расчистија два на автопатот Скопје-Велес

Екипите на „Македонија Пат“ Подружница Петровец вечерва околу 21 часот ги расчистија двата поголеми одрони од карпи на автопатот Скопје-Велес, на локација кај манастирите и на потпорниот ѕид на Тунелот кај Башино Село на влезот во Велес, информираат за МИА, од Подружицата на Македонија пат Петровец кои вечерва работеа на расчистување на одроните од карпи, предизвикани од поројните дождови доцна попладнево.
Тие посочија дека додека траело расчистувањето на карпите, екипи на МВР го регулирале сообраќајот на двете коловозни ленти од автопатот Скопје-Велес.
Воедно екипите на „Македонија Пат“ подружница Петровец го отстраниле и паднатото дрво на левата коловозна лента пред велешката патарина Сопот, од автопатот Скопје-Велес.
На регионалниот пат А3, на делницата помеѓу селото Истибања и браната Калиманци, вечерва се регистрирани одрони кои делумно го попречуваат сообраќајот.
Според пријавите од терен, на патот има поголеми камења и земја кои паѓаат од околните падини, што претставува сериозна опасност за возачите.
Дополнително, на одредени делници низ територијата на Македонска Каменица се регистрирани и помали одрони.
Од надлежните служби апелираат возачите да се движат со зголемено внимание, да ја прилагодат брзината на движење и да внимаваат на предупредувачките знаци.
Екипи на ЈП Македонија пат се упатени на терен за расчистување и обезбедување на сообраќајницата.