Одлуката за донесување на ДУП од Советот на општина Центар за Градска четврт Ј 07 утре на седница на Уставниот суд


Една од точките на дневен ред на утрешната седница на Уставниот суд ќе биде предметот во кој е оспорена Одлука за донесување на ДУП од Советот на општина Центар од 2014-та година, донесена со 11 гласа, а се однесува Градска четврт Ј 07.

Овој предмет, потсетуваат од Сuдот, веќе беше ставен на дневен ред на седница на 13 октомври 2021 година и дискусијата е исцрпена, сега е во фаза на гласање. Со оглед на изборот на новите судии и делумно пополнување на составот, Уставниот суд повторно го предлага како точка на дневен ред.

– Одлука за донесување Детален урбанистички план Градска четврт J 07 локалитети Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило и Цвеќара број 07-4414/4 од 18.07.2014 година, донесена од Советот на Општина Центар-Скопје, објавена во „Службен гласник на Општина Центар-Скопје број 9/2014, во делот за КП 490/2, КП490, КП493, КП 496/3, КП 498, КП 502, сите на КО Центар 2, кои се наоѓаат на ул.Козара-Капиштец, гласи оспорената одредба.

Како што е наведено во иницијативата, Советот на општина Центар на 23-та седница која e одржана на 18 јули 2014 година, ја донел оспорената одлука спротивно на член 62 став 2 од Законот за локална самоуправа и истата не е донесена со потребното мнозинство гласови предвидени во наведениот член од Законот. Имено, на седницата на Советот на која се постапувало по оспорената одлука биле присутни 12 членови од вкупно 23 членови  на Советот на општина Центар-Скопје, при што „за” гласале 11 членови, а само 1 гласал „против”.

Подносителот на иницијативата Томе Симоновски смета дека при донесувањето на оспорената одлука не се испочитувани одредбите од Законот за локалната самоуправа, бидејќи не е обезбеден елементарниот минимум од неопходни 12 гласови „за” колку што според Законот за локална самоуправа се потребни, за полноважно донесување на прописи, односно одлука за урбанистички план.

Во иницијативата е наведено дека оспорената Одлука е во спротивност со член 8, став 1, алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија бидејќи владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок, која во конкретниот случај е повредена бидејќи Советот донел одлука без потребното мнозинство гласови.