Чист сум како солза, им порача Стевчо Јакимовски на новинарите по одложеното судење


Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски ги обвини новинарите дека „оркестрирано од еден центар“ дошле денеска на неговото судење, а неколку пати им одговори дека им се смешни прашањата.

„Смешни ви се прашањата“, кажа неколку пати Јакимовски по прашањата за одолговлекувањето на судењето кое трае три години и дали ќе има време да присуствува на судењето и да ја обавува градоначалничката функција.

Потоа, тој им забележа на новинарите зошто не доаѓале претходно на судењето.

 

„Ова е срамота што го гледам пред мене. Очигледно, сите сте дошле оркестрирани од еден центар како медиуми. Сега очигледно некому тешко му паѓа победата што ја имам. Поштено и чесно сме работеле јас и моите вработени. Чисти сме како солза“, кажа Јакимовски, кој вчера ја презеде градоначалничката функција.

Денешното судење беше одложено, бидејќи адвокатот на Јакимовски имал контакт со заразени од ковид-19. Од Судот дополнуваат дека поради заштита од ширење на коронавирусот, судијата Осман Шабани го одложи рочиштето за 23 ноември.

Според обвинението, во периодот од 2011 до 2017 година, како службено лице – градоначалник, Јакимовски во повеќе наврати ја злоупотребил службената положба и овластување во постапки за јавна набавка и во постапка за легализација на времени објекти од деловен карактер и приватизација на градежно земјиште сопственост на Република Северна Македонија.