Одложен процесот „Таргет-Тврдина“ – Мијалков има симптоми на Ковид-19


Фото: Б. Грданоски

Судењето за незаконско следење на комуникациите „Таргет-Тврдина” се одложува за 16 октомври, поради отсуство на обвинетиот Сашо Мијалков, кој во вчерашниот ден развил симптоми на коронавирус – покачена температура и кашлица, откако неговата сопруга била позитивна на Ковид-19.

Неговиот бранител, адвокат Љупчо Шврговски, го извести судот дека Сашо Мијалков во текот на денешниот ден ќе биде тестиран, по што до судот ќе бидат доставени резултатите.

– Вчера доцна бев известен од Сашо Мијалков, дека неговата сопруга Ана Мијалкова е позитивна на тестот на корона вирус. Истовремено од негова страна ми беше посочено дека и тој има покачена температура и сува кашлица и денеска попладне ќе прави тест, изјави Шврговски.

До судот, бранителот на Мијалков, го достави позитивниот тест и издадената терапија.

Претходно, Судот нотираше писмен допис од Стојанче Ангелов, со барање да биде вклучен како оштетен во овој предмет.

На денешното рочиште, требаше да бидат сослушани повеќе сведоци-оштетени.

Процесот го води судијката Џенета Бегтовиќ, а застапници на обвинението се Ленче Ристеска, Трајче Пеливанов и Артан Ајро.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.