Одличен прв квартал на Комерцијална банка, добивката над 23 милиони евра

Комерцијална банка во првиот квартал годинава оствари добивка од над 23 милиони евра, која е за 20,1 отсто поголема од 19,1 милон евра во истиот период лани. Планот за бруто-добивката има реализација од 110 проценти, покажуваат финансиските резултати на банката за периодот јануари – март годинава, објавени на интернет страницата на Македонската берза.
„Во периодот од 01.01. до 31.03.2025 година Банката од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 1.416,5 милиони денари наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 1.179,1 милиони денари, што претставува зголемување за 20,1 %. Планираната бруто-добивка за првиот квартал од годинава е остварена со 110,0 %“, се наведува во Коментарот на неконсолидирани и неревидирани Биланс на успех и Биланс на состојба на Комерцијална банка АД Скопје за периодот 01.01. – 31.03.2025 година.
Притоа се додава дека позитивниот резултат од работењето е остварен во услови на нагласени ризици од надворешното окружување, особено зголемените геополитички тензии, осцилациите на светските пазари како резултат на неизвесноста од воведените тарифи од страна на САД, како и намалената економска активност на главните трговски партнери на државата.
Дополнително, домашната инфлација забележа одредено забрзување во првиот квартал (достигна 5,0 % и 4,2 % на годишно ниво во февруари и март), што влијаеше НБРСМ да ја води монетарната политика на претпазлив начин.
„Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 1,1 % поголема во однос на истиот период минатата година. Зголемувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од зголемените нето курсни разлики и зголемените нето-приходи од камати“, посочуваат од Комерцијална банка.
Вкупните приходи од работењето изнесуваат 2.024,4 милиони денари и бележат зголемување од 1,3 % во однос на истиот период минатата година.
Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 31.03.2025 година истите бележат минимално зголемување од 0,8 % во однос на истиот период минатата година. Планот е исполнет со 100,1 %. Приходите по основ на камата се зголемени за 1,3 %, при што најголем пораст бележат приходите од камата од домаќинствата и нефинансиските друштва како резултат на зголемените пласмани, како и приходите од камата остварени од секторот држава поради зголеменото вложување во државни хартии од вредност. Расходите по основ на камата се зголемени за 5,2 % поради зголемените орочени депозити споредено со истиот период минатата година. Нето каматната маржа на ниво на Банката е намалена од 3,94 % на крајот од првиот квартал од минатата година, на 3,65 % на 31.03.2025 година.
Нето-приходите од провизии и надоместоци на 31.03.2025 година изнесуваат 334,8 милиони денари и во однос на истиот период минатата година бележат минимално намалување од 0,5 %. Планот за анализираниот период е остварен со 114,1 %. Нето-приходите од курсни разлики на 31.03.2025 година изнесуваат 113,3 милиони денари и бележат зголемување од 17,3 % во однос на истиот период минатата година, во најголем обем поради зголемениот промет на девизниот пазар. Планот за анализираниот период е остварен со 143,4 %.
Останатите приходи од работењето на Банката на 31.03.2025 година изнесуваат 87,2 милиони денари и бележат зголемување од 0,9 % во однос на истиот период минатата година, главно како резултат на зголемените наплатени претходно отпишани побарувања. Планот е остварен со 27,7 %.
Оперативните расходи за периодот 01.01.-31.03.2025 година изнесуваат 553,3 милиони денари и во однос на минатата година се зголемени за 1,8 %, во најголем дел како резултат на зголемениот износ на плати и други трошоци за вработените, а во помал обем и поради зголемената амортизација. Планот е остварен со 78,6 %.
Нето исправката на вредност на финансиските средства заклучно со 31.03.2025 година изнесува 49,8 милиони денари и бележи позначително намалување во однос на истиот период минатата година кога изнесуваше 274,6 милиони денари. Намалувањето кај исправката на вредност на финансиските средства во првиот квартал од 2025 година главно се должи на добрата финансиска дисциплина и редовното сервисирање на обврските по кредити од страна на клиентите.
Во периодот од 01.01. до 31.03.2025 година, Банката прокнижи загуба поради оштетување на нефинансиските средства на нето-основа во износ од 4,9 милиони денари, во согласност со регулативата од НБРСМ.
Во однос на Билансот на состојба, вкупната актива на Банката на 31.03.2025 година достигна износ од 178.735,1 милиони денари и во однос на декември 2024 година бележи зголемување од 0,1 %.
Зголемувањето на вкупната актива во најголем обем се должи на зголемените парични средства, а во помал обем и поради зголемените кредити на комитенти. Планот е остварен со 98,8 %.
Паричните средства и паричните еквиваленти бележат зголемување од 9,0 %, во најголем дел заради повеќе пласирани депозити во НБРСМ (преку ноќ и до 7 дена) во споредба со декември 2024 година. Планот е остварен со 106,5 %.
Средствата за тргување бележат зголемување од 20,4 % како резултат на нето-ефектот
од купени и продадени акции. Планот е остварен со 153,2 %.
Кредитите на и побарувањата од банки бележат намалување од 2,5 %, како резултат на намалената состојба на орочените депозити со рочност над 3 месеци што се должи на движењата на девизните курсеви во однос на домашната валута. Износот на орочените депозити во оригиналните валути е непроменет. Планот е исполнет со 105,8%.
Кредитите на и побарувањата од други комитенти бележат зголемување од 2,5 % како резултат на зголеменото кредитирање на секторите нефинансиски друштва и домаќинства, со поголем придонес на нефинансиските друштва. Планот е остварен со 101,1 %.
Вложувањата во хартии од вредност се намалени за 12,6 %, главно како резултат на достасани континуирани државни обврзници во денари и поголем износ на достасани од запишани Македонски еврообврзници. Планот е остварен со 86,3 %.
Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања бележат намалување од 46,6 % по основ на продажби на преземен имот и извршено редовно оштетување на дел од преземениот имот. Истите имаат незначително учество во вкупната актива.
Вкупните депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) изнесуваат 153.073,6 милиони денари и бележат намалување од 1,0 % во однос на декември 2024 година, главно поради намалените депозити на банките. Планот е остварен со 97,9 %.
Обврските по кредити изнесуваат 1.477,9 милиони денари и во однос на декември 2024 година се зголемени за 1,4 % како резултат на нето-ефектот од нови повлекувања (вклучително и првата транша од Унгарската кредитна линија наменета за компании, во износ од 76,3 милиони денари) и отплатени доспеани рати од кредитните линии. Истите имаат минимално учество од 0,8 % во вкупната пасива на Банката. Планот е остварен со 96,5 %.
Акционерскиот капитал и резервите на Банката со состојба 31.03.2025 година достигнаа износ од 22.283,2 милиони денари и во однос на декември 2024 година бележат зголемување од 6,8 % главно како резултат на зголемената задржана добивка поради остварената солидна тековна бруто-добивка која е вклучена во оваа позиција. Планот е реализиран со 104,6 %.
Очекувања за претстојниот период
Во однос на очекувања за претстојниот период од Комерцијална банка посочуваат дека макроекономските услови во кои Банката ја остварува својата активност во текот на 2025 година се условени од домашните политички случувања и од неизвесниот и непредвидлив глобален амбиент.
„Иако генералните очекувања се дека движењата во рамки на домашната економија ќе имаат позитивна насока, притисоците и неизвесностите во рамки на глобалната економија упатуваат на потребата од внимателен пристап во обликувањето на очекувањата за 2025 година, при што се земени предвид проекциите објавени од Министерството за финансии, Народната банка на Република С. Македонија, ММФ и Светската банка“, се вели во извештајот.
Се очекува дека банкарскиот систем и натаму ќе обезбедува солидна кредитна поддршка, во услови на постепено забрзување на економскиот раст и стабилизирање на очекувањата. Кредитниот раст на крајот на 2024 година достигна 11,2 %, а во 2025 година е проектиран на околу 7,0 %. Како резултат на стимулативните услови за штедење, растот на расположливиот доход на населението, стабилните очекувања и јакнењето на довербата, како и мерките преземени од страна на Народната банка за натамошно поттикнување на штедењето, депозитите, како најзначаен извор на финансирање, на крајот од 2024 година остварија солиден годишен раст од 12,4 %, а во 2025 година се предвидува раст на депозитите од околу 7,6 %.
„Комерцијална банка ќе ги презема сите неопходни активности за прилагодување кон новонастанатите состојби, при што и во следниот период ќе биде фокусирана пред сѐ на одржување на квалитетот на портфолиото и изнаоѓање флексибилни решенија на барањата на клиентите, ефикасно управување со трошоците, натамошна дигитализација на процесите и модернизација на деловната мрежа, прилагодување на деловните процеси во согласност со барањата на регулативата за платежни услуги и платни системи, како и со регулативата за финансиски инструменти и обврски за транспарентност за издавачите на хартии од вредност, унапредување на доброто корпоративно управување и на практиките за одржлив развој, имплементација на систем за управување со ризиците од климатски промени и сл.“, велат од Комерцијална банка.
Исплатени дивиденди
Во извештајниот период Банката објави повик за учество на Годишно собрание на акционери, кое се одржа на 03.04.2025 година. Составен дел на материјалите за Собранието се и Одлуката за употреба и распределување на нераспределената добивка до 31.12.2024 година и Одлуката за определување на износот на дивидендата и датуми на исплата на дивиденда за 2024 година. Согласно наведените одлуки, износот кој Банката ќе го издвои за дивиденда за обични акции е 2.848.833.750 денари. Датумот на евиденција според кој ќе се определи листата на акционери кои имаат право на дивиденда е 22.04.2025 година. Согласно Одлуката, предложениот износ на бруто дивидендата по една акција е 1.250 денари, односно 125,0 % од номиналната вредност на акцијата и истиот бележи пораст од 37,4% во однос на дивидендата за 2023 година. Предвиден датум за започнување со исплата на дивидендата е 07.05.2025 година.