Одгледувачите на овци се заканија со голем протест на 15 септември, си ги бараат субвенциите
Субвенции чекаат околу 3.700 овчари и неколку стотина козари. Сумата која треба да им биде поделена за основната мерка по глава на овци е околу 700 милиони денари
БИТОЛА – Одгледувачите на овци на 15 септември најавија масовен протест од револт поради неисплатените субвенции. Незадоволството ќе го искажат пред зградата на Министерството за земјоделство во Скопје, бидејќи како што велат, исплатата на субвенциите ги проби сите рокови. На четвртото годишно собрание на Сојузот на одгледувачи на овци „Модерен овчар“ што на 20 август се одржа во Прилеп, овчарите велат дека донеле „тешка одлука“ да излезат на протест, како единствена опција за остварување на легитимно стекнатото право на субвенции за 2021 година што се уште не ги зеле, иако според годишната програма на Платежната агенција субвенциите требало да им бидат исплатени во април годинава, со краен рок до 30 јуни, годинава.
„Како категорија на граѓани кои егзистенцијата ја обезбедуваме на најтешкиот можен начин, скоро никогаш на радикален начин, сега се решивме и на ваков чекор, своето незадоволство да го искажеме на протест. Месеците поминуваат субвенции нема. Се решивме на 15 септември да излеземе на протест, и протестот да трае се до исплата на субвенциите. Стоката не се остава сама, но што да правиме, мораме“, вели за Независен, од Сојузот на одгледувачи на овци „Модерен овчар“.
Одгледувачите на овци за протестот имаат поддршка и од одгледувачите на кози чии субвенции исто така не се исплатени.
Субвенции чекаат околу 3.700 овчари и неколку стотина козари. Сумата која треба да им биде поделена за основната мерка по глава на овци, односно мерката 2.7, е околу 700 милиони денари. Инаку вкупната сума која државата ја исплаќа како субвенции за овчарите, на годишно ниво, изнесува околу 20 милиони евра.
„Протестот не би се реализирал само доколку има исплата на субвенциите во меѓувреме. Истиот ќе биде поддржан и од здружението Млад Сточар, кое во главно го сочинуваат сточари и највеќе одгледувачи на овци“ велат одгледувачите на овци.
По исплатата на субвенциите за говедарите и пчеларите на 17 август годинава, Министерството за земјоделство кратко објави дека „Следуваат исплатите за овци, кози и гоеници. Согласно динамиката до крајот на годината реализирани ќе бидат сите исплати кон земјоделците. Парите се тука, обезбедени и земјоделците ќе ги добијат своите заслужени средства“, објавија од МЗШВ.