Одделение за онкологија ќе се отвори и во Градската општа болница
Во поткастот ЗРАК директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски најави ново одделение за онкологија во Градската општа болница со цел да се растовари работата на Клиниката за онкологија во Клиничкиот центар во Скопје. Тоа, според него ќе ја олесни борбата на пациентите и нивните семејства.
„Имаме онколошки одделенија во ГОБ Осми септември, во Штип, во Тетово и Битола кои не дистрибуираат скапа терапија, имаме акцелератори кои 10 години не се инсталирани и ние проблемот нема да го решиме без сериозно изместување на пациентите од Клиниката за онкологија бидејќи таму се секојдневно меѓу 400 и 600 пациенти. Еден од чекорите што ќе го направиме во следниот период, се надевам дека брзо ќе проработи Онкологија на ГОБ Осми септември, односно до јуни таа треба да проработи во полн капацитет, со акцелератор.
Дури и во ваква ситуација, нашите онколози беа можеби малку скромни за некои работи што ги направија, како на пример воспоставување на регистар на пациенти кој е неопходен за да знаеме какви се потребите за терапија. Понатаму, функционира стручниот конзилиум, значи веќе не потпишува директорот за издавање на терапија, туку конзилиум каде 12 раководители заедно одлучуваат за издавање терапија, има комисија за контрола на квалитет и можеби најдобрата вест, акцелераторот кој е пред 10 години набавен конечно ќе биде ставен во функција за нова терапетска метода, метод за кој до сега пациентите сме ги праќале во странство“, порача Клековски.
Во истиот поткаст учествуваше и министерот за здравство, Арбен Таравари кој рече дека состојбата е наследена и дека се прават напори да се зголемат вработувањата и да се намали обемот на работа на кадарот на таа клиника.