Одбиени сите амандмани на СДСМ за измените на Кривичниот законик


Јована Тренчевска

 

Потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, денеска на прес-конференција изјави дека владините партнери ги одбиле сите амандмани на нејзината партија околу измените на Кривичниот законик.

„На денешната комисиска расправа, тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ  ги одби сите амандмани на СДСМ за Кривичниот законик. Одбија враќање на членот 353 – злоупотреба на службената положба и овластување, на решението пред измените од 2023 година. Причината е јасна: со сегашните решенија нема одговорноста кај најкритичната област – тендерите.

Одбија и бришење на рокот од 5 години за конфискација на имот стекнат со криминал.

Зошто имотот украден од граѓаните да не може да се конфискува без разлика кога е стекнат.

Правда со рок на траење не е правда.

Трето, одбија строги и јасни правила за системот ‘Безбеден град’: дигиталните податоци и снимки да се бришат во рок од 48 часа, а пристап до нив да има исклучиво со судски налог. Вака останува можноста за злоупотреби, МВР да делува како партиски инструмент за следење, притисок и уцена на граѓаните.

Четврто, одбија драстично зголемување на казните за организиран криминал. Одбија проширување на условите за конфискација, за криминалниот имот да не може да се крие зад туѓи имиња, параван-фирми и фиктивни сопственици.

Дури одбија и позасилена кривично-правна заштита на децата од најтешките форми на експлоатација. Ова е уште еден доказ дека се случува грабеж на државните пари преку криминални тендери“, рече Тренчевска