Одбиен предлогот на Апасиев да се расправа за Кочани во комисија во Собранието

Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот не го прифати предлогот на Димитар Апасиев, дневниот ред на денешната седница да се дополни со надзорна расправа за трагедијата во Кочани. Причина за неприфаќање на овој предлог, како што посочи пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, е тоа што веќе е во тек иницијатива за расправа за трагедијата во Кочани што е поднесена до Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, но се чека да заврши истрагата и да биде објавен обвинителниот акт па потоа да се расправа на темата во Собрание.
Предлог беше одбиен со девет гласа „против“ и три гласа „за“.
Таа нагласи дека никој нема против да се разгледува оваа трагедија во Собранието, но смета дека е хумано и правно да се заврши со истрагата официјално, да се види обвинителниот акт, па потоа, како што рече, да имаме навистина за што тука како пратеници и народни избраници да расправаме на темата трагедијата во Кочани.
„Нема потреба од дуализам во ова собрание. Веќе е во тек, се собираат списоци за да се поканат гости, но мора да нагласам, а и целата македонска јавност знае, дека истрагата сѐ уште не е завршена, да почекаме да биде формиран тој обвинителен акт, па потоа како пратеници да расправа на тема трагедијата во Кочани“, изјави Стојаноска.
Претседателот на Постојана анкетна комисија,Апасиев, на почетокот на денешната седница, на чиј дневен ред е само една точка – годишниот извештај за 2024, побара тој да се дополни со уште една точка за надзорна расправа за трагедијата во Кочани, порачувајќи дека „не можеме како ноеви со главата во песок да се втурнуваме, затоа што ова е трагедија од европски, па и светски размери и мислам дека несериозно е од нас како институција ова да помине без, макар и надзорна расправа во Постојаната анкетна комисија“.
Покрај правната процедура, Апасиев нагласи, дека се должни дадат и политичка квалификација на настаните, односно да се види кој во изминатите години, не само од сегашната, туку и од минатата власт грешел.