Одбележани 30 години од воспоставувањето на дипломатски односи со 18 земји
Денес во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, со свечен настан беа одбележани 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи на Македонија со 18 земји: Чешка, Унгарија, Шпанија, Португалија, Лихтенштајн, Луксембург, Република Австрија, Белгија, Светата Столица, Словачка, Швајцарија, Ирска, Египет, Виетнам, Јапонија, Киргистан, Боливија и Узбекистан.На настанот свои обраќања имаа министерот Тимчо Муцунски и доајенот на дипломатскиот кор во државата, амбасадорот на Словачка, Хенрик Маркуш.
Министерот Муцунски истакна дека денес со гордост се слават три децении на просперитетни дипломатски односи, кои започнаа во 1994 година и претставуваат долгогодишно патување со заедничко меѓусебно почитување, соработка и споделени вредности.
„Развивајќи ги политичките, економските, културните и другите видови соработка од заемен интерес, разменивме многу посети, потпишавме бројни билатерални и меѓународни договори, се поддржувавме во мултилатералните организации и спроведовме разни иницијативи. Денес, во услови на сложена геополитичка ситуација, пријателскиот дијалог е цврста константа која игра клучна улога во зајакнувањето на нашата соработка“, нагласи министерот Муцунски во своето обраќање.
Тој потсети и на приоритетите на Владата, кои се фокусирани на странските инвестиции, надворешната трговија, развојот на стратешките партнерства и меѓународното позиционирање на земјата.
АмбасадоротМаркуш истакна дека овие 30 години донеле значајни развои, извонредни настани, еволуции и забележителни достигнувања. Тој нагласи дека „компасот на насочување“ на иднината треба да води кон соработка во различни сектори и идентификување на нови потенцијални можности за соработка, одговарајќи на современите предизвици од глобална природа, како што се одржливиот развој поврзан со климатските промени, обновливите извори на енергија, економската модернизација, технолошките иновации, дигиталната трансформација, развојот на инфраструктурата и многу други области. Тој истакна и дека културните и другите врски ќе продолжат да играат значајна улога, со различен акцент на сите 18 партнери на Северна Македонија.