Одбележан Светскиот ден на вранецот

Светскиот ден на Вранец е манифестација која е востановена пред седум години по иницијатива на здружението „Вина од Македонија“ а во соработка со регионални здруженија и винарии. Главната цел на обележувањето на Денот на вранецот, е да се интернационализира оваа регионално присутна автохтона сорта и да се промовираат нејзиниот квалитет и карактеристики на меѓународната винска сцена.
Оваа година Светскиот ден на вранецот се одбележа со бројни настани во земјата и светот.
Главниот настан се одржа во Национална Галерија – Мала станица со поддршка на Министерството за шумарство и водостопанство. Повеќе од 700 гости беа присутни на настанот на кој имаа можност да пробаат вина од сортата Вранец која е гордост на македонската винска индустрија.
Покрај овој настан, здружението оваа година заедно со Земјоделскиот институт организираше и научна конференција за Вранецот која се одржа на 03.10.2025 та година. На годинешната конференција по повод Светскиот ден на вранецот се одржаа научни презентации од страна на домашни и странски научни работници кои се засновани врз научни анализи и податоци за основните карактеристики и предности на вранецот, при што, покрај другото, беше истакнато дека поради својата природна отпорност тој го има потенцијалот за соочување со климатските промени и за проширување во други вински подрачја, вон нашиот регион.
-Сето ова е само дополнителна мотивација да продолжиме да работиме на зголемување на квалитетот на грозјето и на вината, и на создавање свест за компаративните предности на нашето вино, правејќи го препознатливо и присутно на странските пазари“, рече претседателот на „Вина од Македонија“ Светозар Јаневски, истакнувајќи дека „токму вранецот е сортата која го има најдобриот потенцијал за исполнување на оваа мисија – таа е своевиден амбасадор на нашиот регион во винскиот свет, бидејќи, покрај другото, ги обединува интересите на винските индустрии во земјите на Западен Балкан“.
Периодот пред одржување на Светскиот ден на вранецот десетина интернационални вински експерти претставници на специјализирани вински списанија и дваесетина регионални новинари, имаа прилика да ги посетат македонските винарии и да дегустираат врвни македонски вина на студиското патување организирано од страна на „Вина од Македонија“. Беа доделени признанија за „Вранец Амбасадор„ на Земјоделскиот институт Скопје и Биотехничкиот факултет при Универзитет Црна Гора за нивната значајна промоција на Вранецот во светот на науката.
Ова година преку винарниците кои земаа учество се промовираше вранецот и во над 300 локални и регионални ресторани каде гостите имаа можност да уживаат во Вранецот.
Со ова успешно издание на Светскиот ден на вранецот, се потврдува страста, традицијата и единството на регионот во промоција на оваа сорта со голем потеницијал, се вели во соопштението на „Вина од Македонија“.