Од Владата се децидни: На сите во ЕУ им е јасно дека годинава мора да започнат преговорите


Во ЕУ на сите им е јасно дека оваа година Северна Македонија мора да ги почне претпристапните преговори, мора да има одлука, а кога таа одлука ќе се донесе зависи од сплет на околности – од една страна продолжувањето на спроведувањето на домашните реформи, од друга страна случувањата во самата Унија, во чии земји членки почна кампања за изборите за Европскиот парламент. Извори од Владата денеска на брифинг, говорејќи за неформалниот самит за Западен Балкан, кој под водство на Ангела Меркел и Емануел Макрон се одржа во Берлин, изразуваат оптимизам дека земјава зелено светло за почеток на преговори ќе добие во јуни.

Освен реформите и случувањата во самата Унија, суштинско во моментов е успешно завршување на вториот круг од претседателските избори. Одлуката за почеток на преговорите ќе зависи и од одлуката на секој граѓанин да излезе на гласачкото место, бидејќи неуспешен втор круг ќе биде лоша порака до земјите-членки за демократската зрелост на државата, велат од Владата и додаваат дека тука е важна личната одговорност на секој граѓанин.

На патот кон полноправно членство во Унијата, велат извори од Владата, има работи кои зависат од нас, како што е законот за Јавното обвинителство, каде се решава и статусот на СЈО и воопшто реформската агенда, но има работи кои зависат од европските избори и динамиката внатре во самата ЕК. Велат оваа година има кусо време меѓу објавувањето на извештаите и дискусијата, особено во тие земји каде таа мора да помине во парламентите, како што е случајот со Германија.

Различни земји-членки имаат различен фокус – има земји во кои има повеќе фокус на реформите, има земји кои повеќе се фокусираат на геополитичката ситуација, но сепак велат од Владата во моментов во пресрет на европските избори и пред да го видат извештајот земјите-членки избегнуваат да дадат јасен став. Таков е и случајот со Франција. Додека не поминат европските избори Париз нема да даде јасен и гласен став во однос на почетокот за преговори за земјата.

Извори од Владата се сепак оптимисти за иднината на оваа држава, за нејзината европска перспектива и покрај сите технички предизвици со кои може да се соочи во периодот што доаѓа. Нашата приказна, додаваат тие, е толку сигурна, моќна, ги надминува нашите граници поради што ниту една земја членка не може да остане индиферентна.

Во фокусот на неформалниот самит бил спорот меѓу Белград и Приштина, обид за давање поттик за одмрзнување на конфликтот, а сето тоа низ призма и по пример на начинот на кој спорот го решија Северна Македонија и Грција. Земјава била посочена како држава со посебна улога, како модел кој треба да ги охрабри другите да најдат решение – на европски начин да се решаваат балкански проблеми. Самитот почнал и завршил со глорификација на нашето достигнување.

Северна Македонија имала двојна улога на самитот, учествувала како земја сосед на Србија и Косово и една од шестте земји на Западен Балкан, но истовремено била и пример и мотиватор за поттикнување на дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Од Владата велат дека постапувањето на ЕУ во однос на процесот на интегрирање на Македонија ќе има влијание и врз натамошните случувања во регионот, стабилен Балкан е во интерес на Унијата. Доколку ЕУ не одговори позитивно на сите чекори кои земјава ги презела, тогаш може да се предизвика демотивирачки ефект врз другите земји, кои не би пристапиле кон решавање на меѓусебните спорови, бидејќи би сметале дека нема да бидат вредувани од Унијата.