Од септември платите во АД ЕСМ повисоки за 15 отсто


На одбележувањето на Денот на рударите во РЕК Битола, генералниот директор на АД ЕСМ Васко Стефанов и претседателот на синдикалната организација Јове Смилевски потпишаа Спогодба за измена на Колективниот договор, со која платите на вработените им се зголемуваат за 15 отсто, почнувајќи од септемвриската плата.

По повод одбележувањето на Денот на рударите во РЕК Битола, Стефанов изрази почит и пофалба за рударите, кои, како што рече се првите во синџирот на производство на електричната енергија.

– Почитувани рудари, вие со вашата посветеност и максимални напори сте првите во синџирот на производство на електричната енергија и со гордост претставувате еден од основните столбови на нашата компанија и неразделен дел од нашиот национален енергетски систем. Тоа што го правите вие е херојска работа која заслужува неизмерна почит и највисока пофалба. Затоа во мое име и во името на сите вработени во АД ЕСМ, ви благодарам од срце за вашата работа и посветеност, порача генералниот директор на АД ЕСМ Стефанов.

Директорот на РЕК Битола Пеце Матевски во своето обраќање на прославата рече дека секој што знае што значи еден ден работа во рударско – енергетски комбинат, мора да признае дека вработените се вистински херои.

– Рударите влегуваат на работа и не знаат дали ќе излезат. Не по своја вина, туку заради хировите на природата кои се особено изразени во рудниците, нагласи Матевски.

Тој извести дека од 1 јануари до 31 јули, РЕК Битола произвела 1.436.553 мегават часови електрична енергија.

– Тоа е за 3,16 отсто повеќе од произведеното во истиот период лани, а за дури 41,28 проценти повеќе од производството во 2021 година. Во рудниците на РЕК Битола заклучно со средината на август ископани се 2.262.600 тони јаглен. Во моментов, на депонијата за јаглен има 200.000 тони јаглен. Овие количини на јаглен на резерва во РЕК Битола сè уште повеќе за респект ако се има предвид дека во рудници се извршуваа операции кои го запреа ископот. Затоа, вработените во РЕК Битола треба да бидат горди на резултатите од работењето на комбинатот годинава, истакна Матевски.