Од пост-ковид синдром почина 12-годишно девојче во Нови Пазар
Девојче на возраст од 12 години од Тутин, почина во Општата болница во Нови Пазар, пишуваат белградските медиуми.
Четиричлена комисија, составена од четворица доктори меѓу кои, специјалист по педијатрија, специјалист по кардиологија, специјалист по анестезиологија и реанимација и специјалист по судска медицина, соопштија дека девојчето било примено во болница на 21 јануари.
Тоа било примено на Одделението за педијатрија, попладнето, додека со санитетско возило било пренесено од локалниот здравствен дом во Тутин, со тешка општа состојба, во придружба на медицински персонал.
По приемот, ѝ била дадена соодветна терапија по дијагностичките процедури, но покрај се што било преземено состојбата ѝ се влошила и настапила смрт.
„Врз основа на клиничката слика и текот на болеста кај детето, потоа резултатите на сите направени анализи, земјаќи во предвид и податоци од претходно дијагностицирани заболувања, најверојатно во конкретниот случај се работи за смртен исход предизвикан со имунолошки компликации поради претходна инфекција со корона вирусот, ткн. мултисистемски инфламаторен пост-ковид синдром“, пренесоа медиумите.
Од друга страна пак, директорот на новопазарската болница, Мехо Махмутовиќ вели дека девојчето не прележало Ковид-19.
„Девојчето имало миокардитис – воспаление на срцевиот мускул. Лечена е пред месец-два во болницата во Краљево, а на 21 јануари, практично мртва е довезена во новопазарската болница од здравствениот дом во Тутин. Веднаш е реанимирана и сместена на интензивна нега каде набрзо почина. На детето тогаш му е направен антигенски тест, кој бил негативен, како и ПЦР, чии резултати стигнаа другиот ден. А и пред месец-два, кога детето било лечено во Краљево, секој пат било негативно, како и мајката која е тестирана затоа што се мислело дека можеби таа жена е заразена бидејќи е медицинска сестра“, вели Махмутовиќ.