Од попладнево ќе нема автобуси на ЈСП во Скопје – нема нафта
ЈСП е во колапс, по 100 луѓе има на постројките, а автобус ни за лек. Ќе возат само автобусите што се на гас. Градот Скопје го обвинува премиерот Мицкоски
20/11/2024 15:23
Од попладнево нема да има јавен превоз во Скопје оти нема гориво за автобусите. ЈСП „Скопје” има долг кон фирмата добавувач „Пуцко петрол” и поради тоа веќе не се испорачува нафта. Ќе можат да возат само автобусите на гас, односно 25 возила.
Вработени во ЈСП за „СДК“ велат дека автобусите веќе почнуваат да се исклучуваат од сообраќај оти во базите нема нафта.
„Во понеделникот имаше мала испорака, но долгот пак не е платен и нафта веќе не се носи во базите во Автокоманда и Ѓорче Петров”, велат вработени во претпријатието.
Од Град Скопје и од претпријатието нема никакво соопштение дека градот ќе остане без превоз и дека граѓаните ќе мора да се снаоѓаат за да се вратат дома од работа и од училиште.
Твитерџија попладнево напиша дека скопјани со часови чекаат автобус кај комплексот банки.
Твитерџијата Мирчев сподели фотографија од неговиот профил за тоа како изгледа секојдневието на скопјани пред автобуските станици. Она што може да се забележи како десетици лица чекаат да пристигне било каков автобус на ЈСП.
„Моментално ЈСП е во колапс , по 100 луѓе има на постројкиве , а автобус ни за лек , еве си чекам веќе пола саат 5-ка… Дојде една пуна ко брод“, напиша тој.
Инаку фотографијата е направена пред комплексот банки спроти „Веро центарот“ на една од најпрометните автобуски станици во Скопје. Ситуацијата со ЈСП е очајна, и тоа трае со денови. Скопјани со часови чекаат на автобуските станици и мрзнат. Од Градот Скопје го обвинија премиерот Христијан Мицкоски дека преку своите кадри креира кризи во јавните претпријатија во главниот град.
„Нова криза со која го остава ЈСП без нафта, а скопјани без јавен превоз како смислено сценарио за урнисување на претпријатието. Кадарот на шефот на ВМРО- ДПМНЕ во Бирото за јавни набавки, Маре Богева, креира криза во ЈСП за гориво, со тоа што за првпат од постоењето на претпријатието ја поништи редовната јавна набавка за гориво во ЈСП како смислено сценарио.Во исто време и со истото смислено сценарио приватните превозници, кои скоро воопшто не сообраќаат поради револт за неразгледување на нивната иницијатива за зголемување на цената по која возат, денес менуваат изјава дека не им биле верификувани извештаи за возење, а кој ќе им ги верификува кога не возат“- се вели во реакцијата на Градот.
Оттаму додаваат дека за одлука за зголемување на цена на приватниците може да расправа и да донесе одлука единствено Советот на Град Скопје, предводен од Трајко Славевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Од моментот кога Мицкоски отпочна да преговара со компанија за набавка на 100 електрични автобуси, како и ветувањето за вкупно 250 нови автобуси од програмата за Скопје, отпочна и голготата на претпријатието. Во исто време почнаа и шпекулации за урнисување на ЈСП поради можно сценарио за негова приватизација“, велат од Град Скопје.
Утре може воопшто да нема градски автобуси
Во Скопје попладнево сообраќаат само 25 автобуси, а останатите се паркирани во автобазите на ЈСП „Скопје“ во Автокоманда и Ѓорче Петров поради недостиг на гориво.
Африм Муча, претседател на Независниот синдикат на возачите во ЈСП „Скопје“ за МИА изјави дека состојбата е многу сериозна, дури и алармантна бидејќи, како ѓто рече, речиси 70 проценти од возилата се паркирани.
– Одговорот е едноставен, нема нафта. Утрово возачите беа повикани да дојдат на работа, но тие се во базите во Автокоманда и во Ѓорче Петров заедно со автобусите бидејќи нема нафта и ТНГ. Во моментов мислам дека околу 70 проценти од автобусите на ЈСП се паркирани во базите. Низ градот сообраќаат мал број двосменски автобуси кои имаат наточено нафта пред два дена, како и возилата со ТНГ. За нормално функционирање на ЈСП на дневна основа се потребни 25 тони нафта, што не ја добиваме. Нафтата вообичаено ни ја доставува „Пуцко Петрол“ во базите на ЈСП „Скопје“, но бидејќи должиме поголема сума на пари, деновиве не ни доставуваат нафта. Во ЈСП „Скопје“ работат 1.200 луѓе и нема да дозволиме некој да си поигрува со нивните судбини, рече Муча.
Најави дека е можно утре воопшто да не сообраќаат автобусите доколку во теков на денов не им се достави гориво. Посочи дека Независниот синдикат на возачите во ЈСП „Скопје“ од петок ќе одлучи какви натамошни постапки ќе преземе доколку не се среди состојбата во јавното градско претпријатие.
Приватните превозници во Град Скопје „Јофи Бус“, „Вестор Транс“, „Радос Компани“ денеска преку соопштение апелираат до надлежните веднаш да се направи проширен состанок со цел решавање на проблемот со јавниот градски превоз.
– Сведоци сме на состојбата со јавниот градски превоз во Градот Скопје која се влошува од ден на ден. Повторно упатуваме јавен апел до надлежните веднаш да се направи проширен состанок со цел решавање на проблемот со јавниот градски превоз. Приватните превозници располагаат со 200 автобуса кои не се максимално искористени и со кои можеме да го надополниме недостатокот на автобуси на ЈСП, се вели во соопштението.
Според приватните превозници, за да биде во целост исполнет зимскиот возен ред по одлука на Совет за линиски превоз на патници во Град Скопје потребни се 352 автобуса или со резервни вкупно 444 автобуси. Наведуваат дека во моментов на дневно ниво недостасуваат од 160 до 200 автобуси.
– Приватните превозници не можат да одговорат на зададениот возен ред поради следниве причини: неподмирен долг од јуни, немаме верификувани извештаи за месеците јули, август, септември и октомври, ниска цена за изминат километар, со која не можеме да ги покриеме основните трошоци, стои во соопштението.
Од „Јофи Бус“, „Вестор Транс“ и „Радос Компани“ велат дека не е точна информацијата која беше пласирана во јавноста дека доколку се покачи цената за изминат километар кај приватните превозници ќе значи и покачување на цената на билетот.
– Информацијата која беше пласирана во јавноста дека доколку се покачи цената за изминат километар кај приватните превозници ќе значи и покачување на цената на билетот, одговорно тврдиме дека не е така туку потребна е реформа во јавниот градски превоз. Ние сме последната дејност каде што нема покачување, немаме волшебно стапче да ги надоместиме загубите. Со покачувањето на цената ќе можеме да работиме рентабилно, но и нашите корисници ќе добијат понови еколошки климатизирани автобуси, се вели во соопштението од „Јофи Бус“, „Вестор Транс“ и „Радос Компани“.
Градоначалникот на Општина Шуто Оризари Курто Дудуш денеска ги повика сите жители на протест, кој е закажан за в петок, 22 ноември.
– Очекуваме преку протестот да ја пренесеме пораката до Градоначалничката на градот Скопје и до ЈСП дека граѓаните на општина Шуто Оризари и воопшто граѓаните на градот Скопје треба да добиваат услуги за кои плаќаат и дека нефункционирањето на јавниот превоз веќе втора година не само што влијае на влошување на економската состојба на граѓаните кои треба да користат приватен превоз туку влијае и на губење на нивните работни места поради нередовост на работа, отсуство од часови на ученици и непосета на лекари од страна на постарите и болните лица, информира Дудуш.