Од полноќ Унгарија е во вонредна состојба


 

Унгарскиот премиер Виктор Орбан воведе втора вонредна состојба, овојпат поради санирањето на последиците од војната во Украина, а првата вонредна состојба поради Ковид-19 завршува во вторник следната недела, јавуваат новинските агенции.

„Светот е на раб на стопанска криза. Унгарија мора да остане на страна од оваа војна и да ја штити финансиската состојба на своите семејства“, објави на Фејсбук унгарскиот лидер, пренесе Франс прес.

Орбан, кој на 3 април го освои четвртиот последователен мандат, се користеше со извршни уредби и порано за да спречи миграција, а потоа и во пандемијата со Ковид-19, пренесе Ројтерс.

Новата вонредна состојба повторно ќе ѝ овозможи на владата на Орбан да носи мерки по итна постапка, пез парламентот.

„Користејќи се со своето устано право, владата од полноќ прогласува вонредна состојба поради војната“, додаде.

Пред оваа објава парламентот кој штотуку положи заклетва го измени уставот за да овозможи воведување на такви мерки „поради судирот“. Партијата Фидес на Виктор Орбан има двотретинско мнозинство.

Првите одлуки донесени во новата правна рамка ќе бидат објавени во среда, вели орбан.

Невладината организација за граѓански права ТАСЗ ја осуди „непрекинатата вонредна состојба“, потсетувајќи дека веќе била воведена во Унгарија поради сузбивањето на корона вирусот, а таа истекува на 31 мај.

Ова му нуди на Орбан „повеќе простор за маневр отколку инаку“ и му овозможува „едноставно да ги ограничи или да ги укине темелните права на секој човек“, предупредува невладината организација изразувајќи жалење поради маргинализацијата на унгарскиот парламент.

Орбан, кој е на власт последните 20 години без прекин, западните партнери редовно го обвинуваат за злоупотреба на власта во неговата земја, членка на ЕУ и на НАТО.