Од поднесувањето царинска декларација до завршување на царинската постапка за еден час, ветува Кутиров


 

Целосно автоматско завршување на царинската постапка за еден час од поднесувањето на царинската декларација, најавува директорката на Царинската управа Славица Кутиров. Ова, според Кутиров, би требало да профункционира до крајот на месецов.

– Истата ќе важи за т.н зелени царински декларации, односно декларации кои се правилно пополнети, со електронски приложени сите документи и кои системот ги селектирал како неризични, односно кои не подлежат на дополнителни проверки и контроли. Секако има уште еден услов, а тоа е веќе да се платени или обезбедени давачките. Целосно автоматско завршување на постапката значи дека истата застапниците ќе можат да ја спроведат далечински, без да доаѓаат во царинските терминали и без било каква интеракција од страна на царинскиот службеник. Со оваа новина за прв пат ќе обезбедиме комплетна бесхартиена постапка, појаснува Кутиров во интервју за весникот „Коха“.

Овој месец преку платформата за интероперабилност, Царинската управа, како што посочува Кутиров, ќе се поврзе и со системот на Министерството за транспорт и врски и ќе бидат пуштени нови сервиси, со чија помош царинските службеници на граничните премини ќе можат да извршат проверка на транспортните дозволи на превозниците, изводите од лиценците и сертификатите на возачите.

– Истовремено за пријавување на невалидни документи, системот автоматски ќе испрати известување до Државниот инспекторат за транспорт, како надлежен за понатамошно постапување. Со ова очекуваме дека во целост ќе бидат спречени евентуални појави на приложување на лажни или невалидни транспортни документи од страна на превозниците, вели Кутиров.

Со сите овие новини, според директорката на Царинската управа, ќе се намали влијанието на човечкиот фактор и можноста за субјективно одлучување на царинските службеници со што се влијае врз намалувањето на корупцијата.