Од малолетни девојчиња и жени крадел пари во Центар и Аеродром – во притвор е
Определен е притвор за 26-годишник осомничен за најмалку пет кривични дела против имотот – разбојништва и тешки кражби, врз жени и малолетни девојчиња во Центар и Аеродром, при што се стекнал со противправа имотна корист од околу 100 000 денари.
– Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 26-годишник осомничен дека сторил повеќе кривични дела против имотот – разбојништва и тешки кражби. Жртвите биле жени или малолетни девојчиња, кои осомничениот ги напаѓал на различни локации во Центар и Аеродром и притоа им одземал чанти, ранци, паричници, накит, телефони и други вредни предмети, соопшти денеска Јавното обвинителство.
Како што појаснуваат, обезбедени се докази кои даваат основано сомнение дека тој е извршител на најмалку пет вакви кривични дела, при што се стекнал со противправна имотна корист од околу 100.000 денари.
– Бидејќи постојат околности кои упатуваат на опасност од бегство, можност да влијае врз постапката и особено веројатност да повторува вакви и слични кривични дела, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, информира обвинителството.