Од Макрон, со не многу љубов

Дали благодарение на Емануел Макрон, како и во 2019, работите во регионов ќе се движат кон една европска фатаморгана. Во новата европска архитектура малите би биле таму само за кворум


(Колумна за Дојче веле)

Како едвај да чекаше да победи на претседателските избори за Емануел Макрон да ги објави своите нови идеи за politique de grandeur за формирање „Европска политичка заедница“ во која би се собрале сите во Европа и подалеку од неа. И оние што сакаат да бидат дел од ЕУ, и оние што не сакаат, како Велика Британија.

По првата победа во 2017 година Макрон во септември одржа еден голем програмски говор на Сорбона за тоа како ја замислува Европа, и тогашната и идната. Тоа беше прилично детализиран и извонредно ораторски стокмен говор. Но од него малку работи се остварија. Отпорот, особено од германската канцеларка Ангела Меркел, беше соодветно голем колку и идеите во него.

Пет години подоцна Макрон повторно се поставува како човек на „големи идеи“ искористувајќи ја војната во Украина, чувството на несигурност во Европа и преземањето на командната палка од страна на САД во западниот свет, кога Европејците ја следат од минута во минута руската инвазија и се трудат да погодат каков би бил следниот чекор на Владимир Путин.

Макрон за своите нови идеи најде добар повод – го искористи Денот на Европа и завршната церемонија на Конференцијата за иднината на Европа, како и претседателствувањето на Париз со ЕУ. Неговиот предлог за време на обраќањето пред Европскиот парламент во Стразбур беше авангарден, широк, но со малку детали. Добро запознаетите европски медиуми велат дека ваквиот настап бил изненадување дури и за советниците во Елисејската палата, кои вообичаено ги брифираат новинарите кога нивниот шеф се подготвува да изнесе храбри рецепти за иднината на Европа. Некои од француските познавачи велат дека Макрон во голема мерка импровизирал.

Можеби Макрон бил воден од желбата да се најде решение за Украина разурната од војна и нејзината очајна желба да ѝ се отвори патот кон членство во ЕУ. „Легитимните аспирации на народот на Украина, како оние на Молдавија и Грузија да се приклучат на Европската унија, нѐ покануваат да ја преиспитаме географијата и организацијата на нашиот континент“.

„Европската конфедерација“ на Енрико Лета

Макрон межеби му даде спектакл со француски шмек на предлогот за новата организација на европскиот континент, но идејата не е оригинално негова. Таа својот извор го има во Италија, во владејачката структура. Минатиот месец, Енрико Лета, поранешен италијански премиер и сегашен лидер на италијанската Демократска партија, предложи „европска конфедерација“ со земјите аспиранти за членки, која ќе започне со заедничка „економска област“, постепено додавајќи обврски и на крајот вклучувајќи заедничка одбранбена клаузула. Лета тоа го напиша во колумна за највлијателниот италијански весник „Кориере дела сера“ на 19 април оваа година. Макрон и италијанскиот премиер Марио Драги веќе една година градат ново сојузништво во Европа. Партијата на Лета е клучен актер за функционирање на кабинетот на Драги. Лета е посветен Европеец, но неговите идеи за новата структура на Европа одат и подалеку од оние на Макрон. И во нив нема некакви рокови за членство на аспирантите, туку повеќе се зборува за окоскување на сегашната структура на ЕУ околу која би имало „конфедерациски сателити“.

Еве дел од она што го напиша Енрико Лета за да се има претстава кон каде би можела да се движи или да стои Европа:

„Пристапувањето во ЕУ е далеку од лесно. Има многу заостанати работи за да се исполнат бараните стандарди. Понатаму, новото проширување може да има влијание врз ЕУ и нејзините институции што е тешко да се оцени додека пишуваме.

По 89-та, работите се одвиваа без јасно управување. Прво, време беше за големи ветувања и очекувања; потоа следеа години и години на разочарувања; конечно, фаза на забрзување со полн гас. Резултатот? Незадоволство кај некои – дојденците – и недоверба кај други – старите членови. Последователните настани во Унгарија, Полска и Вишеградската група го докажаа тоа.

Оттука, мојот апел до сите нас е: да избегнеме да ги правиме истите грешки. Треба веднаш да создадеме Европска конфедерација, составена од 27 земји-членки на ЕУ, плус Украина, Грузија и Молдавија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. Ова би имало двоен резултат. Од една страна, Украина и другите земји кои се во редот за влез во ЕУ, би можеле да учествуваат во европскиот јавен живот и да го кажат своето мислење во заедничката политичка платформа и да го делат истиот стратешки простор. Во исто време, патот до членство во ЕУ би продолжил непроменет паралелно, со соодветен тајминг.

Најопипливиот приказ на овој модел би биле состаноците на Европскиот совет, по кои веднаш треба да следи Самитот на лидерите на Конфедерацијата – на истото место и со голема симболична сила.

Во минатото, решенијата што беа донесени премногу ги комплицираа работите. Тогаш земјите од Централна и Источна Европа гласно ја изразија својата волја да бидат дел од Европската заедница, подоцна и од Европската унија. Одговорот беше брз и потврден, како што беше случај денес со Украина. Тоа беше силата на историјата, која водеше кон отвореност. Сепак, идеалистичкиот набој нè натера да ги изгубиме од вид практичните импликации. Процесот се одвиваше во услови на големи реторички заложби и план за поединечни патишта и билатерални односи, без да се проценат можните импликации.

Операцијата не помина баш како што се очекуваше. Комплексноста на операцијата што го удвои бројот на земји-членки и ги трансформираше карактеристиките на Унијата, се појави веднаш. Во текот на овој извонреден пат, не беше можно, на пример, да се реформира процесот на одлучување, ниту да се укине правото на вето, кое постои во премногу области.

Беа потребни децении за да се заврши проширувањето. Јавното мислење стана непријателско кон тоа. Благодарение на резолуцијата на Комисијата на Романо Проди процесот беше завршен.

Европската конфедерација ќе биде место за политички дијалог меѓу 36-те учесници. Заедничките решенија би биле договорени заедно. Ќе се подобри способноста да се дефинираат заедничките глобални стратегии, почнувајќи од одбраната на мирот, безбедноста, промовирањето на фер и одржлив модел на развој и борбата против климатските промени. Конфедерацијата ќе му даде сила, вклучително и симболична сила, на единството на континентот.

Конфедерацијата би била непосреден одговор на милиони луѓе кои гледаат во ЕУ со надеж дека сите сме во истото ‘европско семејство’. Во исто време, оваа идеја треба да оди рака под рака со подлабока интеграција во ЕУ, укинување на правото на вето во оние стратешки области кои сè уште функционираат на меѓувладин начин. Тогаш Конфедерацијата е нов начин да се справи со проширувањето на Унијата, додека сè уште се залага за нејзино продлабочување кон федерална архитектура“.  

Овој малку подолг цитат е само доказ дека Макрон не е сам во потрагата по „Европска политичка заедница“. И дека промената во Европа треба да биде онаква како што велеше принцот во прочуениот роман „Леопард“ на Италијанецот Џузепе Томази де Лампедуза: „Ако сакаме работите да останат какви што се, работите треба да се променат“. Тоа се однесуваше на губењето на моќта на благородниците на Сицилија во 19. век.

Митеран како инспирација

Но Макрон инспирацијата не ја најде само кај Енрико Лета, туку уште повеќе кај еден негов славен претходник, „француската сфинга“, Франсоа Митеран. На 31 декември 1989 година, пет недели по падот на Берлинскиот ѕид, Митеран повика на создавање „европска конфедерација“ дизајнирана да ги „здружи сите држави на [континентот] во заедничка и постојана организација за размена, мир и безбедност“. Сепак, помалку од осумнаесет месеци подоцна, „проектот конфедерација“, голема иницијатива за пост-Јалта Европа, пропадна.

Есента 1989 година и на почетокот на 1990 година Митеран беше многу претпазлив кога гледаше дека германскиот воз за обединување се претвори во супербрзиот француски воз „ТЖВ“. Во тој момент, кога ГДР се разниша на работ на колапс, централна и источна Европа тргнаа кон непредвидливи промени. Масивната транзиција во источна Европа можеше да го наруши брзото продлабочување на Европската заедница што беше во тек. Во овој период Митеран ја лансираше идејата за „нова европска архитектура“ во чие јадро беше „европска конфедерација“ во која 12-те земји на ЕЗ ќе го продолжат своето „продлабочување“ без брзо „проширување“ на исток. Конфедерацијата би била нова европска архитектура на концентрични кругови, во кои земјите од централна и источна Европа би биле ставени на политички половина пат за да се подготват за евентуалното членство во ЕЗ.

Сега и Макрон и Лета ги препакуваат овие оригинални идеи на Митеран. Во суштината на тоа е ЕУ да остане иста во наредните децении и ако може да се смени одвнатре. Дента кога Макрон го одржа говорот во Стразбур замина во Берлин на средба со канцеларот Олаф Шолц. Тој го оквалификува она што го кажа Макрон како „интересен предлог“.

И на прес-конференцијата уште рече: „Оваа идеја не нѐ спречува да го завршиме, тоа што го започнавме и на што работиме веќе извесно време. Тоа се однесува на земјите од Западен Балкан, бидејќи тие донесоа многу длабоки и храбри одлуки. Тоа треба да биде наградено. Го наведувам примерот на Северна Македонија, таа имаше храбри политички лидери кои направија храбри чекори за да започне процесот на зачленување. Ние не треба да ги обесхрабриме тие храбри чекори“.

Неколку дена претходно, германската министерка за Европа, Ана Лирман, во интервју за „Еурактив“ рече дека Германија дала 50 предлози на Конференцијата за иднината на Европа, вклучително и укинување на едногласното одлучување за прашањата за надворешната политика на ЕУ. Таа додаде дека тоа е особено важно во однос на перспективата за пристапување во ЕУ на Западен Балкан, бидејќи сега мора да „постигнеме значителен напредок“ со што поскоро отворање на пристапните преговори со Албанија и Македонија.

Во пресрет на говорот на Макрон, земјите-членки на ЕУ, Бугарија, Хрватска, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Латвија, Литванија, Малта, Полска, Романија, Словенија и Шведска објавија нон-пејпер за исходот и продолжението на Конференцијата за иднината на Европа, нагласувајќи дека тие не поддржуваат „непромислени и предвремени обиди да се започне процес за промена на Договорот“.

Новите идеи на Макрон се неприфатливи за многумина, особено во Германија. Земјите од Западен Балкан кои имаат кандидатски статус стравуваат дека ќе им биде понуден полош алтернативен модел. „Макрон направи голема штета. Се чини дека со оваа идеја за нова заедница им се обраќа на евроскептичните гласачи во Франција“, рече европратеникот од Зелената партија во Германија, Расмус Андресен. Реакциите и на други политичари во Германија се во истата насока.

Макрон уште еднаш внесе бура во ЕУ (како по ветото за Македонија во 2019 и барањето да се промени методологијата за пристапување). Ако овој предлог официјално биде ставен на маса во ЕУ тоа многу грубо ќе значи дека членството во Унијата ќе биде недостижна цел, не само за Македонија, туку и за оние што веќе преговараат.

И тогаш ќе дојде клuчното прашање во Скопје – има ли воопшто логика да се преговара со Софија за да се исполнат нејзините барања, кога и така Македонија и другите ќе бидат само некоја оддалечена ниша во „новата европска архитектура“, која ќе започне со заедничка „економска област“, постепено додавајќи обврски. А по долги и долги години можеби ќе дојде моментот кога членството ќе биде ставено на агендата. Во основа, благодарение на Емануел Макрон (како во 2019) работите ќе се движат кон една европска фатаморгана.

(Линк до колумната овде)