Од Караманмараш – градот разурнат од земјотресот – потекнува турскиот сладолед
Турскиот сладолед, што не се топи, а со кој илјадници туристи, сега речиси низ цел свет се забавуваат при неговото сервирање, потекнува од Караманмараш, градот што пред седум дена беше разунат од силниот земјотрес.
Во репортажите за овој турски град стои дека илјадници луѓе го посетуваат градот поради неговиот сладолед, што на турски се вика дондурма.

По пто е посебен овој сладолед?
Мараш дондурма не е само сладолед. Ова е десерт кој е вообичаен во Турција и е популарен ширум светот затоа што може да стои 72 часа без да се стопи. Причината за тоа е употребата на специјална состојка извлечена од коренот на едно од најубавите цвеќиња на планетата – орхидеи, поточно нивниот турски подвид. Името на оваа состојка е салеп, а на сладоледот му дава уникатна растегливост и издржливост.
Мараш или Кахраманмараш
Мараш или официјално Караманмараш е град во медитеранскиот регион на Турција и административен центар на провинцијата Караманмараш. Пред 1973 година, Караманмараш бил официјално именуван како Мараш, а подоцна го добил префиксот „Караман“ (турски збор од персиско потекло што значи „херој“) за да ја одбележи битката кај Мараш. Градот лежи на рамнина во подножјето на планината Ахир.
Во Караманмараш живеат повеќе од 500.000 луѓе, а целиот регион има нешто повеќе од милион жители. Караманмараш е исто така еден од најважните градови за историјата на Турската Република. Градот стана симбол на националниот отпор на Јужниот фронт на Турската војна за независност.

Караманмараш е туристички центар кој привлекува внимание со многу места за посета. Тоа е историски град кој бил домаќин на многу цивилизации. Во градот има многу историски места за посета како џамии и музеи. Караманмараш го има најстариот универзитет во земјата, Универзитетот Караманмараш Сутчу Имам.
На 6 февруари 2023 година, голем дел од градот беше уништен во земјотресите што ги зафатија Турција и Сирија, минатата недела
Каков беше градот Кахраманмараш пред земјотресот и што сѐ можеби засекогаш е изгубено?
Замокот Мараш е една од најпопуларните атракции на градот. Не се знае точниот датум на изградба, но се проценува дека е изградена во 900 година п.н.е. Замокот е оддалечен од центарот на градот.

Камениот мост е изграден во 16 век и прилично добро сочуван. Мостот е на реката Џејхан со должина од 158 метри. Камениот мост се наоѓа на 11 километри од центарот на градот.

Џамијата Караманмараш Улу е една од најстарите историски градби во градот. Сведок на речиси 500 години историја на градот. Големата џамија е почетната точка на борбата за слобода.

Во склоп на џамијата Улу се наоѓа и Таш Медреса.

Џамијата Абдулхамид Хан е четврта по големина џамија во Турција, со капацитет да прими до 20.000 луѓе. Основана на четири колони, џамијата е изградена на површина од 3.600 квадратни метри и има четири минариња и 32 куполи. Џамијата е дизајнирана од архитектот Хаџи Мехмет Гинер и била изградена помеѓу 1993-2011 година.
![]()
По земјотресот од пред една недела, повеќето знаменитости кои можат да се видат во градот и провинцијата се оштетени или уништени. Земјотресот што ги зафати Турција и Сирија, досега однесе повеќе од 37.000 животи. Материјалната штета е огромна и речиси ненадоместлива.
