Од идната седница пратениците во редовната сала, нема веќе ковид блокади
Пратениците во Собранието се вакцинирани со втората доза и, со оглед на тоа дека поминаа повеќе од две недели од ревакцинацијата, претседателот Талат Џафери планира наредната седница да биде во редовната сала.
На тоа сепак, нагласи Џафери, треба да претходи препорака и оценка на Комисијата за заразни болести на Министерството за здравство.
Наредната седница треба да биде на 8 јуни.Според него во најава е ребаланс на буџетот, но кога ќе се расправа за него, ќе се знае откако предлогот ќе дојде во Собранието. Најверојатно тоа ќе се случи на првата седница по 8 јуни.
Пратениците вчера имале координативен состанок на кој бил присутен и преставник од Владата за да договорат ден за поднесените интерпелации за министрите за правда Бојан Маричиќ и вицепремиерот за антикорупција Љупчо Николовски, а очекувањата се до 8 јуни да се најде на дневен ред барем една од двете поднесени.
Во однос на информациите дека опозицијата подготвува повторно блокада бидејќи не биле информирани за Законот за образование, Џафери рече дека засега нема таква најава, но не го исклучува тоа. Најава за блокада имало наводно и од албанската опозиција бидејќи според нив се тактизирало со Законот за државјанство. Џафери рече дека има непотврдена информација дека има договор како да изгледа Законот за државјанство, а рокот за поднесување амандмани е истечен. Како ќе се надгради тој закон што е во процедура, ако сака опозицијата, е нешто што според Џафери е можно само со амандмани на самата расправа во Собранието за законот. Патот за Комисијата да продолжи со работа околу законот е отворен, рече Џафери.
Околу дилемата дали ќе го поддржи предлогот за една изборна единица Џафери рече дека тоа не е соодветен систем за нашите карактеристики како општество и држава.
-Проблемите што се појавија со овој модел не се проблеми поради моделот туку поради однесувањето, рече Џафери.
Околу Законот за дивоградби Џафери рече дека има обврска да го врати во Собранието а која ќе биде неговата судбина ќе решат пратениците. Тој нагласи дека законот ќе се најде на дневен ред на 8 јуни и, за да биде изгласан, треба да гласаат минимум 61 пратеник, по што претседателот треба да го потпише, но практиката покажала дека не мора да биде така. Неофицијално, сепак, се дознава дека Владата ќе се откаже од овој контроверзен закон бидејќи предизвика силни реакции во јавноста и дека ќе се подготвува нов по летото.
Со оглед на тоа дека до крајот на овој месец завршува мандатот на три уставни судии, Џафери рече дека Комисијата за избори и именување, т.е. членовите на политичките партии во неа, треба да предложат тројца кандидати, по што тој ќе го стави предлогот во процедура. Седница на Комисијата за реизбор може да свика претседателот на Комисијата или една третина од членовите во неа, а ако има предлог, тој и во тек на седницата на 8 јуни може да го стави на дневен ред за расправа, практично сугерирајќи дека нема пречки пред летото да се пополнат овие места. (Н.В.)