Од ЕУ ни стигна порака – немаше кој да ја слушне
На седницата на европскиот Комитет за региони дојдоа 11 делегати од ЕУ. Од македонска страна не дојдоа повеќемина градоначалници, а до крај останаа само двајца
Силни пораки за тоа дека поголемиот дел од имплементацијата на европските акиа отпаѓа на локалните власти, менување на начинот на размислување, препораки за решавање на проблемот со источниот сосед беа изнесени на денешниот состанок на членовите на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Македонија и ЕУ Комитетот на региони, но речиси и да немаше кој да ги слушне.
Имено, Данела Арсовска беше речиси единствена присутна градоначалничка, а во салата до крај остана и градоначалникот на Сарај Блерим Беџети, додека градоначалникот на Центар дошол, но си заминал порано поради обврски. Исто така, на состанокот присуствуваше и министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, кој го исчита својот говор, но замина поради други обрски, исто како и претседателот на ЗЕЛС, градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓоргиевски.
Членови на овој комитет се 11 општини, но градоначалникот на Охрид денеска има празник – ослободување на градот, градоначалникот на Чаир имал приватни обврски и бил спречен да дојде, а зошто не дошле градоначалниците на Ѓорче Петров, Арачиново, Бутел и другите, никој немаше објаснување.
Од друга страна, 11 членови од европска страна, беа присутни. Затоа, со право, копретседавачот Јасна Габриќ, на прес-конференцијата по состанокот праша:
„Она што е важно за мене денеска е дека слушнав многу добри говори, но јас ги слушнав, јас сум веќе во ЕУ, мојот колега од Хрватска е веќе во ЕУ, моите колеги од Естонија, од Унгарија, од Грција, кои седеа овде се веќе во ЕУ, оној кој треба да ги слушне добрите практики сте вие, вие треба да воведете некои промени. А фактот што овој состанок се случува овде во Скопје, ние дојдовме во Скопје да се сретнеме со пријателите, да кажеме, да им дадеме совети, за тоа што направивме ние за да влеземе во ЕУ. Ви даваме надеж и ви пружаме рака, па прифатете ја! Ние сме овде на состанок, а колешката до мене беше единствената од градоначалниците… ова не се случува. Овде сум јас и колегите од ЕУ, но за кого сме дошле. Ние сме членови на ЕУ! Не мора да дискутираме за ова постојано. Но, тука сме за да ви помогнеме… Затоа што овде сме за вас, ние поминавме низ тој процес, сега сакаме да ви помогнеме. Не само ние со моите колеги од ЕУ, каде се вашите колеги, што се случува, не сакаат да бидат овде, не сакаат да напредуваат? Се надевам дека тоа не е одговорот и се надевам дека на следниот состанок што ќе се одржи во Брисел ќе дојдат градоначалници, претставници на регионите од Северна Македонија“, рече Габриќ.
Веројатно дека градоначалниците ќе ја искористат можноста следниот пат да патуваат во Брисел, бидејќи седница во Скопје не им изгледаше како предизвик.
Таа порача дека знае оти „ви е здосадено и си велите `ние сега се обидуваме да влеземе во ЕУ со децении и не се движиме никаде`, но сте на добар пат и станувајќи член на ЕУ не е само обележување потточки и да речете `го завршивме ова и ова и ова`, туку треба да го смените мајндсетот (начинот на размислување и начинот на живеење)“.
Габриќ смета дека стандардите, реформите не се само за да се подвлече сработеното туку за да се смени нешто, да се смени начинот на живот некогаш. Таа вели дека кога ќе помисли на минатото, се сеќава на 2004, кога влегувала Словенија ЕУ, дека го менувале нивниот начин на живот. Го спомна ѓубрето, што во тоа време го имале насекаде, но сега го немаат затоа што сработиле и покажале дека се грижат за околината.
„Ако ги погледнам бројките, за мене, вие што веќе имате милион жители само во Скопје и уште еден милион распрскани низ целата земја, треба да знаете дека нешто не оди во вистинска насока. Прашањето е што правите за да зајакнат општините низ земјата. Ако тие општини не работат добро, не одат во иста насока, што можат да променат… нема да стигнете никаде, особено не онаму каде што сакате. Не е само развојот на Скопје важен, туку развојот на целата земја. Колку силен е најмалиот дел од вашата земја, толку сте силни вие како земја. Ако не ја разберете важноста на другите општини, што ќе се случи, ќе бидат подобри, но никој нема да живее таму?! Сите ќе бидат пренатрупани на едно место?! Значи нешто оди во погрешна насока. Доаѓањето во Европската унија не е само сознанието дека треба да ги смените законите, туку нивното имплементирање во начинот на живот, променете нешто“, порача Габриќ.
Таа рече дека го посетила Валандово, затоа што тој им е збратимен град, а таму забележала дека во последните 10 години се промениле многу работи на подобро.
Го покани и Јошко Клисовиќ, член на Комитетот на регионите и којшто е копретседавач на Собранието на Град Загреб и поранешен министер и сега советник за надворешни работи на претседателот на Хрватска, кој порача дека местото на Македонија е ЕУ.
„Ве чекаме таму. Македонската нација е тука, оформена во тешки околности. Но овде е со свој јазик. Претседателката на ЕК Фон дер Лајен го препозна тоа. Втората порака е дека пристапниот процес за ЕУ е технички процес, базиран на заслуги, воден од перформанси, треба да го усогласите законодавството со ЕУ… Но, во вашиот случај, македонскиот случај, пристапниот процес беше многу политички од почеток. Знаеме за проблемот со името со јужниот сосед, знаеме за проблемот со јазикот со источниот сосед. Среќни сме што го решивте проблемот со проблемот со името со Преспанскиот договор, а се обидовте да го решите пролемот со источниот сосед со Договорот за добрососедство. Сега има уште еден услов за понатамошен прогрес на Македонија и тоа е третманот на малцинстовото од источниот сосед. Во ЕУ се грижиме за малцинствата, колективно и поединечно и нема збор за тоа. Мојата порака до македонскиот народ и политичките партии е да не го правите европското прашање дел од вашата внатрешна политика. Го загрозувате европскиот пат на Македонија. Бидете одговорни политичари кои се грижат за иднината на земјата. Не правете ги овие прашања главни прашања во вашите политички и изборни кампањи. Ова не треба да се пробува и нема да функционира“, вели Клисовиќ.
Тој го понуди хрватскиот модел за регулирање на позицијата на малцинствата во македонскиот Устав.
„Ние имаме формула во која Хрватска е национална држава на Хрватите и држава на малцинствата кои живеат во неа меѓу кои Србите и другите. Тоа можеби може да помогне во решавање на прашањето. Но, не е доволно. Нема да бидете оценувани според формулацијата која ќе ја ставите во Уставот, туку според имплементацијата на таа формулација. Како навистина ја разбирате и како навистина ја практикувате во сите ситуации каде проблемот може да се појави“, додаде тој.
Третата порака му беше да се вклучати локалните власти во процесот на пристапување.
„Локалните и регионалните власти, градовите, општините, регионите се одговорни за околу 75 отсто од имплементацијата на европските акиа. Еднаш, кога Северна Македонија ќе влезе во ЕУ нема да може да ги имплементира сите закони, ако не ги подготви локалните власти за тоа. Ако го направите тоа, ако локалните власти имплементираат различни проекти кои ќе го направат животот на жители уште подобар тогаш создавате доверба кај своите граѓани во подобра иднина во ЕУ. Ја менувате атмосферата која, малку по малку, се подобрува во Македонија. Ако Владата и градоначалниците во различни градови, сакаат да го променат трендот, треба да ги вклучат локалните надлежни за да ги спроведат различните проекти финансирани од ЕУ и да им покажат дека иднината и животот во ЕУ е подобар отколку надвор од ЕУ“, додаде тој.
Заедничкиот консултативен комитет претставуван преку европскиот Комитет на региони го сочинуваат вкупно 22 делегати, односно по 11 делегати од двете страни, при што се избираат и нивни заменици, сите од редовите на градоначалници и советници.
Со ова тело, кое одржува најмногу два состанока во текот на една година, од кои едниот во Брисел, а другиот во Скопје, заседаваат двајца копретседавачи.
Актуелен копретседавач од нашата земја е Данела Арсовска, градоначалник на Град Скопје, а од страна на Комитетот на регионите е Јасна Габриќ, член на Советот на Општина Трбовље (Словенија).
ЗКК е воспоставен уште во 2008 година, со цел да ја подготвува основата за проширување на ЕУ преку унапредување на политичкиот дијалог и соработка меѓу локалните и регионалните власти, наведува ЗЕЛС.