Со настап на дуото Дурловски, Четкар и Џајковски одбележан Денот на независноста на ЕКСПО Осака 2025

Во рамките на еден од најголемите светски настани – ЕКСПО Осака 2025, Република Северна
Македонија со специјална програма го одбележа 8 Септември – Денот на независноста.
Настанот се одржа пред бројна меѓународна публика и понуди автентично претставување на
нашата култура, традиција и современо уметничко творештво.
Во културно-уметничкиот дел настапија реномираните оперски уметници Ана и Игор Дурловски, придружувани од камерниот оркестар „Ајга“, кои изведоа македонски народни песни во современи обработки на композиторот Сони Петровски. Со својата интерпретација тие ја пренесоа магијата на македонската традиција на интернационалната публика.
Посебен интерес предизвика и концертот на познатиот џез-гитарист Владимир Василевски –
Четкар, чие творештво претставува мост помеѓу македонската музичка душа и современите
светски звуци, како и енергичниот настап на Кирил Џајковски со својот бенд, кој ја претстави
Македонија во едно модерно и глобално прифатливо издание.
Значајна атракција беше изложбата посветена на јапонскиот архитект Кензо Танге, чиј план за
реконструкција на Скопје по земјотресот во 1963 година претставува историски пример за
архитектура и урбанистичко планирање, како мост меѓу културите и народите.
Во македонскиот павилјон, кој бележи просечно по 30.000 посетители дневно, гостите имаа
можност да се запознаат со културното наследство, туристичкиот потенцијал, природните
убавини, уникатното наследство под заштита на УНЕСКО, како и богатата гастрономска традиција. Со тоа, Македонија се претстави како атрактивна туристичка дестинација подготвена
да понуди незаборавно искуство во духот на автентичноста и гостопримството.