Од денес почнува мониторингот на ОДИХР за изборите


Во очекување на локалните избори закажани за 2025 година, денес официјално започнува процесот на мониторинг од страна на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, откако Државната изборна комисија (ДИК) вчера едногласно ги одобри молбите за акредитација на 14 интернационални набљудувачи.

Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, на вчерашната седница објави дека денес ќе се случи првата официјална средба со претставниците на Набљудувачката мисија, со што и формално ќе почне нивната работа.

“Ја известуваме јавноста дека од утре официјално ќе имаме средба со претставниците на набљудувачката мисија ОДИХР и од утре почнува нивната работа и официјалното набљудување на изборите.”

“Тие ќе бидат во постојана комуникација со ДИК и ќе присуствуваат на сите наши отворени јавни седници,” изјави Кондарко на вчерашната седница.

ДИК вчера ги прифати и првите две барања за акредитација: едното за шест набљудувачи, а другото за осум набљудувачи.

Понатаму, членовите на Комисијата ги усвоија измените и дополнувањата на одлуката за регистарот на радиодифузери, пишани и електронски медиуми, како и интернет портали кои ќе ги покриваат изборите.

На седницата беа разгледани и 34 барања за исклучување на претседатели, заменици и членови на Општинските изборни комисии, а на нивно место беа именувани нови лица.

Првиот круг за избор на градоначалници и членови на советите на 80 општини и на Градот Скопје ќе се реализира на 19 октомври, а вториот круг е планиран да се одржи на 2 ноември во локалните самоуправи каде што изборите нема да завршат во првиот круг.