Од „бебе чудо“ до владетел: Првата војна Путин ја добил против стаорци


Првата „војна“ која ја водел сегашниот руски претседател Владимир Путин е војната против стаорците кои се појавиле во ходниците на неговиот трошен момчешки дом во уште посиромашен советски станбен блок.

Раскажувајќи ја борбата со малите штетници, јасно дава до знаење дека тој ја добил битката, а многумина сметаат дека ја користел таа приказна за подобро да илустрира на кој начин ги надминал поствоените разорувања и сиромаштијата и успеал да биде сѐ ова што е денес.

Во книгата „First Person: An Astonishingly Frank Self-Portrait” објавена во 2000 година пишува: „На влезот имаше орди стаорци. Моите пријатели и јас ги бркавме со палки. Еднаш забележав огромен стаорец и го бркав низ ходникот сѐ додека не го втерав во ќош. Немаше каде да избега. Одненадеж се фрли врз мене. Бев изненаден и исплашен затоа што сега стаорецот ме напаѓаше мене. За среќа, бев малку побрз и успеав да му ја затворам вратата пред нaс. Таму, на скалите, добив брза и трајна лекција за значењето на фразата – пикнат во ќош.“

Оваа анегдота можеби е дел од неговата внимателно составена приказна, но дава увид за тоа како настанал човекот поради кој цел свет денес го задржува здивот.

Путин е роден на 7 октомври 1952 година во Ленинград односно Санкт Петербург, град кој во Втората светска војна бил под опсада 900 дена. Повеќе од милион луѓе умреа од глад, а многу семејства биле потполно уништени.

Во војната таткото на Путин, Владимир, се борел, додека неговата мајка Марија речиси умрела од глад. Путин пишува: „Еднаш, мојата мајка се онесвести од глад. Луѓето мислеа дека умрела и ја изложиле со телата. За среќа, таа се разбуди навреме и почна да стенка.“

Неговиот татко бил само еден од четворицата од вкупно 28 мажи во неговата единица кои успешно се вратиле од војната, а до крајот куцал поради повреди предизвикани од гелери.

Се верува дека брачната двојка Путин ги изгубила своите две деца, едното умрело од дифтерија во текот на војната, а другото дете починало од друга детска болест. Владимир Путин бил „бебе чудо“ кои стигнало доцна. Неговиот семеен дом бил ужасен, морале да го делат со уште две семејства.

„Немаше топла вода, немаше када. Тоалетот беше ужасен. И беше студено, грозно“, вели неговата поранешна учителка Вера Дмитриевна Гуревиќ, пренесува „Мирор“.

Путин бил дете од улица, многу мал за своите години кого го малтретирале, па морал брзо да зајакне. Маша Гасен, авторка на книгата „Човек без лице: Неверојатниот подем на Владимир Путин“, изјави: родителите работеа деноноќно, неговата мајка работеше неквалификувани работи, а неговиот татко во фабрика. Малиот Путин беше препуштен сам на себе. Се дружел со децата во дворот, како и сите деца. Често го малтретирале, сѐ додека не почнал да тренира самбо, верзија боречки вештини, а подоцна преминал на џудо за да може да се натпреварува.“

Сега има црн појас и сака светот да знае за тоа, а некои дури од неговиот близок круг луѓе го нарекуваат „џудократија“. „Пред 50 години, ленинградската улица ме научи едно правило – ако борбата е неизбежна мора да го зададеш првиот удар“, рече Путин во 2015 година.

Гесен додава дека тој е „остар, многу амбициозен и многу, многу алчен“, а неговите родители ја „хранеле таа алчност. Така Путин како тинејџер имал рачен часовник, нешто што ни неговиот татко немал. Кога родителите добиле автомобил, наводно му го дале на својот син студент.

Со оглед на тоа дека го третирале како „крал“, родителите на Путин му дали чувство дека секогаш е во право, смета Гасен. „Постојат многу доказиза тоа дека тој се чувствува како да е избран“, објаснува.

Еден од тие докази може да биде и неговата „палата на Путин“, и фотографијата на која со голо торзо јава коњ. И фотографијата со францускиот претседател Емануел Макрон, на која седи на крајот од многу долга маса, зборува за неговата потреба да се чувствува супериорно.

Според податоците на интернетските страници на Кремљ, Путин сакал да работи во разузнавачката служба „дури и пред да заврши училиште“, а волонтирал со 16 години. Дипломирал право на Ленинградксиот државен универзитет и докторирал економија, а избран е меѓу 100 или повеќе студенти за КГБ.

„Неговата најистакната особина, според мене, беше борбеноста и силната волја да ги оствари своите цели“, вели неговиот колега од факултет и од КГБ, Павел Кошлев.

Кон крајот на 1980-тите Путин е пратен во Дрезден во Источна Германија, наводно за да работи на контрашпионажа.

Бил офицер на КГБ, а дојде на чело на ФСБ, и потоа стана наследник на Борис Елцин, кога овој поднесе оставка 1999 година.

Путин вели дека кариерата во КГБ го подготвила за претседател. Тоа дисциплинирано однесување и денес јасно се гледа затоа што работи меѓу 16 и 17 часа дневно, што пак го зеде данокот на неговиот семеен живот. Кон средината на 1980-тите се ожени со Људмила, поранешна стјуардеса и со неа доби две ќерки.

Откако се разведоа со Људмила во 2014 година, таа наводно рекла: „Нашиот брак е готов поради фактот што едвај се гледаме. Владимир е потполно задлабочен во својата работа“, пренесува „Мирор“.