Од 17 март нов директен лет Братислава-Охрид
Од 17 март Северна Македонија и Словачка ќе се поврзат со нов директен лет меѓу Охрид и Братислава.
-Отворањето на директната авио-линија е уште еден чекор напред кон зајакнување на контактите меѓу нашите две држави, пред се во туризмот и во бизнисот. Веруваме дека тоа ќе придонесе за натамошно јакнење на соработката и пријателските односи меѓу Словачка и Северна Македонија, се наведува во објавата на Фексбук на Амбасадата на Словачка во земјава.

Од Амбасадата посочуваат дека директната авио-линија отвора нови можности за туристите од Македонија кои ќе имаат можност да ја посетат Братислава и Словачка, да ги запознаат нејзините историски градови, природата, културата и гастрономијата.
Воедно, се додава во објавата, новата авио-линија ќе им овозможи на посетителите од Словачка да ги откријат убавините на Охрид и неговото уникатно езеро, кое е едно од најзначајните природни и културни богатства во регионот.

Воведувањето на новата авио-линија пред околу два месеци ја најавија министерот за транспорт Александар Николоски и словачката амбасадорка во земјава Ивета Хрицова на средба во Скопје.