Очај, тага и неверување по загубеното финале: Што пишуваат англиските медиуми


Сè им се нареди – шест од седумте натпревари, вклучувајќи го и големото финале, се играше на Вембли. Се најдоа во многу полесниот дел од нокаут фазата, во полуфиналето ги протуркаа судиите со измислен пенал за победа во продолжението против Данска, а уште порано УЕФА донесе одлука дека во финалето можат да бидат присутни дури 60.000 навивачи што Англичаните го поздравија со акламација.
Единствено што остануваше, избраниците на Герет Саутгејт да го направат на теренот она што го чекаше целата нација. Започнаа феноменално, но на крајот потклекнаа за време на изведување на пеналите. Италија им ја зема титулата европски шампион, за којаа што беа убедени дека ќе ја освојат, па разочарувањето во англиските медиуми е уште поголемо по ваквиот исход. Песната „Доаѓа дома“ (“It’s coming home”) на крајот стана „Доаѓа во Рим“ (“It’s coming to Rome”), пишува хрватски Дневник…
„Тоа е тоа, не доаѓа дома. Се враќа Англија како нација, ова беше враќање на она старо, познато чувство на тешко, кршливо разочарување. Враќање дома за да можеме сите заедно да чувствуваме што можеше да биде. Назад на тие сцени кога гледаме во ѕид во слабо осветлена просторија и си поставуваме разни прашања“, пишува Индипендент.
„Тоа беше забава што Англија и нејзините навивачи ја испланираа, но уште еднаш останаа притиснати со носот до прозорецот и надежите беа разбиени од поразот кој го крши срцето. Не требаше да заврши вака”, жали Би-Би-Си.
На сличен начин, со приказната за „уништениот сон“, Мирор го коментира финалето:
„Целата земја тагува за луѓето на Саутгејт, тие загубија во епска и жестока битка со Италија. Нашите играчи паднаа на тревата откако загубија на пенали, англискиот сон за освојување на еврото се распрсна на болен начин”.


Телеграф за големата агонија пишува:
„Како што се приближуваа пеналите  нашата надеж остана недопрена. Но, дали знаете што прави надежта? Ве убива”.
„Толку блиску“, е заклучокот на Гардијан, чиј колумнист се обиде да најде нешто позитивно за Англичаните во сето ова.
„После година и пол страв и изолација, фудбалот нè потсети во последните неколку недели дека има и други работи, дека исто така може да се најде надеж и топлина, дека некои други, поубави приказни можат да бидат во преден план“.
Во голем дел од англиските медиуми утрото по натпреварот главната приказна е расистичкиот скандал предизвикан од нивните разочарани навивачи.
„Англија е болна, болна од пораз“
Насловот на „Дејли меил“ гласи: „Сè заврши во солзи“.
„Горчливата иронија е што Герет Саутгејт ги воведе Рашфорд и Санч во 120-та минута за да шутираат пенали, и тие ги промашија и двата. Во свечената ложа, принцот Џорџ изгледаше скршен додека го тешеа Вилијам и Кејт. Во суровата разврска Саутгејт се соочи повторно со пенали, веројатно ќе го прогонуваат цел живот “, додава весникот.
Атлетик ги сумираше работите можеби најпрецизно:
„Англија е болна, болна од пораз, болна од љубов и ужасот на надежта. Вчера го насликавме небото со пиво, пабовите станаа наши сали за танцување, пеевме и викавме, се гушкавме и плачевме, сите поврзани со овие скапоцени моменти. Англија изгуби, уште еднаш загубивме на пенали кои во голема мера го обликуваат нашето минато и ни создаваат нелагодно чувство“.