Обвинителството во Куманово отвори постапка за срамното скандирање на кошаркарскиот натпревар


Основното јавно обвинителство од Куманово отвори постапка и му издаде насоки на СВР Куманово за истражување на елементи на кривично дело поврзано со скандирања со говор на омраза од страна на непознати лица. Инцидентот се случи за време на кошаркарскиот натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и Романија, одигран на 2 август во Куманово.

 

Од Обвинителството велат дека е издадена и наредба за обезбедување на снимките од видео надзорот со цел да се идентификуваат сторителите.

Натпреварот беше прв од квалификацискиот циклус за Светското првенство во 2027 година, а македонската репрезентација загуби од Романија со резултат 72:80. Со овој спортски настан беше свечено пуштена во употреба реконструираната спортска сала во Куманово.

На натпреварот присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, кој по завршувањето на својот Фејсбук профил им даде поддршка на кошаркарите.
 

„Во реновираната спортска сала во Куманово, под светлата на новиот почеток, Македонија гледаше борба, срце и чесна игра! Македонија е со вас не само кога победувате, туку и кога паѓате со дигната глава! Овој натпревар беше повеќе од резултат, беше борба за боите што ги носите, за името што го браните, и за народот што стои зад вас со љубов и почит“, напиша Мицкоски, додавајќи дека и покрај поразот, играчите победиле во духот и покажале како се игра за државата.