Обвинителството ќе се вклучи во „ловот“ на Данела по дивоградби во Чаир

„Ловот“ на дивоградби во општината Чаир од страна на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, го забележаа и во јавното обвинителство.
Основното јавно обвинителство информира дека утринава до скопското обвинителство е доставено известување од страна на Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје за конкретниот случај, за кој веќе се постапува.
„Во однос на сомненијата за објекти-дивоградби во Општина Чаир, Основното јавно обвинителство Скопје утрово прими известување од СВР Скопје по кое веќе се постапува“, информираа попладнево од Обвинителството.
Оттаму велат дека сите службени лица кои имаат какви било сознанија или докази за извршено кривично дело, имаат законска обврска да го пријават на надлежните органи.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, минатата недела изврши обиколка на неколку локации низ Општина Чаир каде што се извршуваат градежни активности, за кои таа обвини дека се дивоградби, директно обвинувајќи го градоначалникот Висар Ганиу (член на „Вреди“) дека е дел од криминалот што се спроведува.