Обвинителството ќе ги проверува наводите за носењето на деца од „Битолски Монмартр“ кај бугарски политичари
БИТОЛА – Основното јавно обвинителството од Битола потврди за „Независен“ дека ќе ги проверува наводите за носењето на деца од „Битолски Монмартр“ кај бугарски политичари по известувањето на МВР.
Известувањето за наводната злоупотреба на деца за политички цели, што министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го најави во четвртокот во Битола, веќе стаса во ОЈО во Битола, и се процесуира.
„Стигна известувањето од СВР Битола во врска со наводите за носење на деца од ‘Мал битолски Монмартр’ кај политичари во Република Бугарија. Предметот ќе биде распореден кај јавен обвинител, кој ќе ги проверува наводите“, изјавија од прес службата на ОЈО за „Независен“.
„Битолски Монмартр“ во неколку наврати при посетата на Бугарија однесе малолетни деца на средби со политичари меѓу кои Симеон Втори и актуелниот претседател Румен Радев. Децата беа фотографирани со политичарите и објавени во бугарски и македонски медиуми, без за тоа организаторите да имаат дозвола од родителите. Единствена дозвола од родителите, потпишана на нотар е таа за преминување на границата.
МВР по допрен глас, по текстовите објавени во нашиот медиум отвори предмет за раководството на „Мал битолски Монмартр“. За ова реагираше и Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ оценувајќи дека децата се искористени „како инструмент за политички цели, со изговор за развивање добрососедски односи“.
Министерот Спасовски минатата недела кажа дека нема поднесено кривична пријава од родители на деца, членови на студиото, кои патувале во Бугарија и биле сликани на средбите со бугарски политичари. Ниту од „Меѓаши“, ниту од која било друга организација. Па, ги охрабри тоа да го сторат.
Денеска од прес-службата на ОЈО Битола за „Независен“ велат дека до овој момент немаат добиено ниту кривична пријава ниту каква било реакција, вклучително и анонимна пријава, од родителите чии деца беа носени на средби кај бугарски политичари, ниту од „Меѓаши“ или друга организација.
Министерот Спасовски минатата недела во Битола се сретна со раководството на „Битолски Монмартр“, претседателот на УО Славчо Неделковски и директорката Елена Хаџи-Антоновска. (А.Б.)