Обвинителството ја отвори Пандорината кутија: Боки 13 осомничен за рекет од 1,5 милион евра


По низата скандали со кои се врзуваше шоуменот и неофицијалниот сопственик на телевизијата 1ТВ, Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупција конечно излезе со докази во јавноста и отвори истрага против Бојан Јовановски, познат во јавноста како Боки 13.

Две вести кои беа објавени речиси истовремено ја шокираа јавноста. Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева си поднесе оставка, а Јовановски беше приведен на граничниот премин „Богородица“, на излез од земјава кон Грција. Неколку часа се чекаше Јавното обвинителство да излезе на прес-конференција и да каже за што точно го гони Боки 13 и кога конечно почна пресот ниту републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески ниту шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска не споменаа ниту едно име иако соопштија скандалозни вести.

Според официјалното образложение на Обвинителството, во периодот од ноември минатата година до април 2019 година, Бојан Јовановски го искористил своето влијание врз јавен обвинител и влијаел да се олесни положбата на осомничено лице во постапка. Второосомничен во случајот е Зоран Милевски-Кичеец, кој им договарал средби на Јовановски со сопругата на осомничениот и со самиот осомничен, во нивниот дом и во домот на Јовановски.

За ова Јовановски зел рекет од 1,5 милион, иако на осомничениот му барал осум милиони евра за да се запре истражната постапка. Јовановски договорил тарифа и за тоа ако не успее да ја запре истражната постапка, па за олеснителни околности осомничениот требало да плати вкупно пет милиони евра. Останатите требало да му се исплатат сукцесивно на рати.

Но Јовановски и Кичеец се посомневале во доверливоста на средбите, односно дека ќе се открие за рекетот што го зеле, па ги прекинале средбите со осомничениот.

За рекетот што го зел Јовановски, Обвинителството го гони за примање награда за противзаконито влијание, но освен за ова кривично дело Обвинителството го гони и за перење пари и други приноси од казниво дело. Ова дело му се става на товар бидејќи Јовановски овие пари ги пуштил во оптек како легално заработени пари и со нив одел на одмор и си купувал облека. Двајцата осомничени се изведени пред судија на претходна постапка, а Обвинителството бара притвор.

Обвинителството ја отворило предистражната постапка на 2 мај оваа година и неколку месеци обезбедувало материјални и вербални докази. Вербалните докази ги обезбедило преку исказите на осомничениот и неговата сопруга, од кого Јовановски изнудил рекет, односно тие се јавуваат и како сведоци на Обвинителството.

Сите дејствија што ги опиша обвинителката Русковска се совпаѓаат со периодот кога Специјалното јавно обвинителство му одреди притвор на бизнисменот Орце Камчев, 8 ноември 2019 година. На Камчев му беше одреден притвор за случајот „Империја“, предмет кој го отвори Специјалното јавно обвинителство.

Поврзаноста на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева со 1ТВ, самата обвинителка ја има потврдено и јавно. Нејзиниот син е вработен во телевизијата во која неофицијален сопственик е Јовановски, а шоуменот редовно објавува заеднички фотографии со Јанева.

Сепак, обвинителството не кажа дали обвинителката која се споменува во истрагата била од СЈО и засега не е утврдено дали и таа е кривично инволвирана. Јовески порача дека ќе постапуваат неселективно.

Камчев заврши во затворот во Шутка на 9 ноември кога новинарските екипи до доцна по полноќ пред истражниот затвор чекаа да се појави поранешниот премиер Никола Груевски. По бегството на Груевски, во притвор заврши и неговиот братучед, поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, кој е осомничен во истиот предмет и кој исто така беше ослободен околу новогодишните празници. Двајцата излегоа од притвор и им беше одреден куќен притвор на предлог на Специјалното јавно обвинителство, откако Камчев понуди имот од 14 милиони евра, негов и на неговото семејство, а Мијалков понуди три недвижни имоти проценети на еден милион евра станбен и деловен простор.

По два месеца поминати во куќен притвор, на почетокот на март Камчев беше ослободен. Врховниот суд ја прифати неговата жалба, а одлуката следуваше по донесеното начелно правно мислење со кое беше утврдено дека Специјалното јавно обвинителство, кое го отвори овој случај, е ненадлежно да поднесува обвиненија, да покренува истраги и да презема предмети од редовното јавно обвинителство, 18 месеци по преземањето на прислушуваните разговори од тогашната опозиција.

Специјалното јавно обвинителство ја разоткри, но не ја докажа бизнис-империјата на двајцата моќници, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, кои ја имаа купено половина Македонија.

Пред Обвинителството да ја отвори истрагата за Јовановски, тој беше во своевидна медиумска војна со новинарот Бранко Героски. Тој објавуваше серија текстови и со измислени имиња во кои обвинуваше дека сопственик на медиум е поврзан со актуелната власт и изнудува рекет од бизнисмени.

Јовановски се препозна во написите и во интервју на неговата телевизија тврдеше дека тој не е сопственик на медиумот, туку неговиот татко.

„Доколку која било институција влезе во каква било истражна постапка, да побара од каде се моите средства, како е направена телевизијата, ќе види кристално чиста состојба. Сопственик 95 отсто е Миле Јовановски, јас не сум бидејќи мојата трансакциска сметка е блокирана поради тоа што на времето сум имал некаков судски спор со XY човек. Сопственик е Миле Јовановски заедно со Јасна Мандиќ. Средствата моето семејство ги има од уште многу поодамна“, тврдеше Јовановски.

Пред неколку недели Управата за јавни приходи ја блокираше сметката на телевизијата, но беше одблокирана и медиумот работи непречено.

Фросина Факова-Серафиновиќ