Обвинителство го истражува случајот со екс-директорка од Битола која сама се унапредила во кустос советник
БИТОЛА – Поранешната директорка на „Завод и Музеј“ Битола, додека директирувала со институцијата од јануари 2018 до септември 2024 година, сама се унапредила од виш кустос во кустос советник. Ова е можеби еден од ретките случаи кога државен функционер за време на директорување сам се унапредува на работното место кои е ставено во мирување.
Обвинителството во Битола сега истражува дали М.С. (53) имала законски основ додека директорува и додека нејзиното работно место како виш-кустос мирува, да се самоунапреди и да добива повисок коефициент на плата.
„Независен“ испрати прашања до екс-директорката и до овој момент не доби одговори во врска со случајот.
За оваа постапка на екс директорката прв алармирал Зоран Николовски откако ја наследи директорската позиција на „Завод и Музеј“ Битола. Тој вели дека за таквата ситуација информирал три министерства, но дека ситуацијата до денес е статус-кво. „Завод и Музеј“ Битола од лани има нова директорка, Маргарета Спасов, која доаѓа по Николовски.
Самоунапредување на екс-директорката е во време на корона кризата, во септември 2020 година.
Таа беше кадар на СДСМ и со „Завод и Музеј“ Битола стана директорка од редот на вработените како етнолог виш кустос. Откако беше разрешена во септември 2024 година, се врати на работа унапредна на позицијата советник кустос.
„Независен“ дојде до решението за распределување на работното место на екс директорката (архивирано на 14 септември 2020 година), кое таа сама си го потпишала како директор.
Пет години по носењето на решението, СВР Битола почна истрага и лани во ноември излезе со кривична пријава за екс-директорката М.С. која се сомничи за „несовесно работење во службата“.
„Пријавената, во својство на директор на Национална установа ‘Завод и Музеј’ Битола, спротивно на одредбите од Законот за вработени во јавен сектор и Законот за работни односи, несовесно постапила во вршењето на своите овластувања и должности на тој начин што извршила промена на Актот за систематизација на работните места, со што го укинала нејзиното работно место виш кустос и за себе отворила ново работно место кустос советник, кое е едно ниво повисоко од претходното“, соопшти полицијата.
Од ОЈО Битола за „Независен“ потврдија дека работат на случајот со сослушување на сведоци.
„Во тек е предистражна постапка, се испитуваат лица и се преземаат други дејствија по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука“, ни одговорија од ОЈО Битола.
Зоран Николовски, поранешен директор на „Завод и Музеј“ Битола кој во 2024 година дојде на функција по разрешувањето на М.С., во изјава за „Независен“ вели дека од колегите разбрал на самоунапредувањето и веднаш реагирал до институциите.
„Не знаев дека поранешната директорка се самоунапредела, дознав по допрен глас од колегите. Кога јас дојдов на функција таа земаше плата како советник кустос. Веднаш пријавив до Министерство за култура ми вратија дека се ненадлежни за случајот, Министерството за финансии воопшто не ми одговори, додека Министерството за информатичко општетство и администрација ми побара нова функционална анализа и систематизација. За тоа беше потребно време од неколку месеци, се зафатив со работа со обезбедување на документи и докази, но за нецела година ме сменија од функција, не ми го продолжија мандатот“. ни изјави Николовски.
Актуелната директорка на „Завод и Музеј“ Битола, Маргарета Спасов во телефонски разговор за „Независен“ вети одговор за случајот, но се предомисли и нѐ упати кај правниот застапник на институцијата. Тој ги потврди сите наводи на поранешниот директор Николовски и вели дека одобрение од Министерството за финансии нема ни ден денес. „Установата се обрати до Министерство за финансии – дали се одобрени средства или не, со што ние како установа би ја вратиле од кустос советник на виш кустос, а со тоа ќе ѝ се намали и платата“, вели правниот застапник.
Очигледно е дека „Завод и Музеј“ Битола се наоѓа во правен лавиринт. (А.Б.)