Обвинителот се откажа од обвинението, пропадна и случајот „Тотал“ за новинарот Латас


Фото: Б. Грданоски

 

Пропадна и случајот ,,Тотал” во кој беше обвинет новинарот Драган Павловиќ-Латас, бидејќи обвинителот целосно се откажа од обвинението во завршниот збор поради застареност и недостиг на докази за кривично дело.

Предметот „Тотал“ беше отворен од поранешното Специјално јавно обвинителство за даночно затајување против Латас и три правни лица, Основниот кривичен суд Скопје информира оти е донесена пресуда со која во целост се одбива обвинението.

Обвинителот најпрвин направил измени во обвинителниот акт врз основа на наводите од вештиот наод и мислење, а притоа било утврдено дека за две од обвинетите правни лица воопшто не се исполнети елементите кои го сочинуваат законскиот опис на кривичното дело даночно затајување. За третото правно лице, како и за Драган Павловиќ-Латас како физичко лице, во меѓувреме настапила апсолутна застареност на кривичното гонење.

„Обвинителот, имајќи ги предвид наводите во вештиот наод и мислење најпрвин направил измени во обвинителниот акт, по што утврдил дека за две од обвинети правни лица во постапката, не се исполнети елементите кои го чинат законскиот опис на пријавеното кривично дело – даночно затајување, додека за едно правно лице и обвинетиот Д. П. – Л. во меѓувреме настанала апсолутна застареност на кривичното гонење. Заради сето тоа, судот постапил согласно Законските одредби и ја донел наведената пресуда“, се вели во соопштението на Кривичниот суд.

Судската постапка за овој предмет започна да се води уште во октомври 2017 година, а во текот на изминатите години случајот неколкупати се враќаше на самиот почеток, што поради промена на надлежноста на јавниот обвинител, што поради преземањето на предметот од едно во друго обвинителство.

Пресудата за отфрлање на обвинението била донесена на 27 мај годинава, а станала правосилна на 25 јуни.